Инфектолозите предупредуваат на препораките од Комисијата за заразни болести

Како што е веќе објавено претходно во вторникот, Комисијата за заразни болести предложи укинување на некои од рестриктивни мерки како полицискиот час и отворање на границите од 1-ви јуни, а се сугерира отворање на угостителските објекти и рестораните од четврток, што предизвика реакција од медицинските лица кои оценуваат дека повлекувањето „преку ноќ“ на долго бранетите од Комисијата рестриктивни мерки во услови на пандемија повлекува низа прашања.

„Ако досега си дозволував да поделам некој превентивен совет кон сите Вас како лекар, после ваквите предлог мерки од релевантни институции во кои членуваат мои колеги, не сакам ни да помислам што може да се случи со СИТЕ НАС , ..а се прашувам зошто секогаш ако си професионалец треба да потпаднеш под нечие влијание, под нечие барање….Точно е дека ова трае можеби подолго отколку што треба , и на СИТЕ НАС И ВАС ни недостасува она што го имавме пред ова. Ако сите овие мерки кои беа превземени за НАШЕ ДОБРО преку ноќ ги повлекуваме, тогаш се наметнуваат многу прашања, на кои за жал наместо да одговорат ПРОФЕСИОНАЛЦИ , одговорите ќе ни ги даде времето… А јас ќе продолжам да делувам како лекар кога се работи за здравјето“, се вели во постот на примариус др Жаклина Шопова, специјалист инфектолог од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во скопскиот Клинички центар.

Според извори од Комисијата, поради тоа што овие препораки се олеснителни, ако ги прифати, најверојатно Владата нема да бара ново продолжување на вонредната состојба по 1-ви јуни.

Многумина во ваквата препорака гледаат политиканство од страна на актуелниот состав на споменатата Комисија, во согласност со насотјувањето на власта што поскоро да одржи избори, без разлика на вистинската епидемиолошка состојба во земјата, која има најлоша статистика во регионот и пошироко. Односно, додека во опкружувањето е сѐ помал бројот на слуачите на зараза со коронавирусот, во Македонија бројот на новозаразени не се намалува драстично, а според бројот смртни случаи процентуално е водечка.