Инфлацијата ќе го „изеде“ зголемувањето на примањата во Германија во 2024-та

Куповната моќ на германските граѓани најверојатно ќе остане на нивото од 2023 година и во новата година, бидејќи зголемувањето на цените ќе го неутрализира повисокиот расположлив приход на домаќинствата, според прогнозите на институтот за истражување на пазарот GfK.

Нето расположливиот приход по жител ќе изнесува во просек 27.848 евра, пресметале во GfK. Во износот се вклучени и државните трансфери како што се пензии, бенефиции за невработеност и детските додатоци.

Најмалата сума за лична потрошувачка, домување, слободно време и заштеди, од 24.702 евра, ќе имаат граѓаните на сојузната покраина Бремен, а највисоката, од 30.130 евра, во Баварија.

Споредено со 2023 година, сумата ќе биде поголема за 2,8 отсто во Германија или 767 евра по жител. Прилагодена за инфлацијата, таа ќе биде приближно исто како и во 2023 година.

Зголемувањето на расположливиот доход барем ќе ја амортизира инфлацијата, која годинава, според прогнозите на Bundesbank, треба да изнесува 2,7 отсто, изјави експертот за малопродажба на GfK, Филип Војтех.

Но, поради политичката неизвесност, граѓаните се склони да трошат само во ограничен обем и оваа година веројатно повторно ќе бидат повеќе склони кон штедење.