Инфлацијата е подгреана од лошото раководење на економскиот тим на Владата, вели Лефков

„Граѓаните бараат нова надеж, поради тоа се такви резултатите на изборите. Не можеме да дозволиме да кажеме дека ова што ни се случува денеска во Македонија е најдоброто. Сметам дека тоа е еден апсолутно арогантен начин да и се обратите на луѓето кои што буквално се борат за егзистенција. Гледате дека ни се случува еден инфлаторен шок во државата, впрочем кој што го призна и на Народната банка која што излезе нели гувернерката со информација дека имаме умерена инфлација. Токму таа инфлација е подгреана од лошото раководење на економијата од страна на економскиот тим на Владата“, истакна Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во утринска програма на Алфа телевизија.

Лефков додаде дека власта потфрли буквално на секое поле.

„Имаме страшни проблеми во здравството, за жал сме држава со најголем број на индекс на она што го нарекуваат светските медиуми кои што ја следат сферата која што ја нарекуваат прекумерна смртност. И ако погледнете добро ќе видите дека нашиот индекс од 19.1 е за 5-6 бројки повисок од второ рангираната земја. И тоа кога зборуваме за здравството, да не зборуваме за катастрофално лошата политика во образованието“, нагласи Лефков.

Лефков потсети дека во образованието има ситуација во која што децата немаат учебници или буквално во едно одделение ќе видите дека различни видови на учебници се користат кај децата. Има 6 изданија од еден учебник, 10 изданија од друг учебник. Ќе се случи да децата немаат учебници која што треба да ја следат наставната материја која што треба да се реализира. За тоа е виновна министерката за образование, Мила Царовска.