Инфлацијата, која е највисока во Европа, го јаде буџетот на народот, а во меѓувреме, ДУИ и СДС се богатат на нивна сметка, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Економијата во Македонија никогаш не била полоша, инфлацијата царува, а работоспособниот народ се сели што подалеку од државата, за да заработи за парче леб, велат во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека бизнисите на Али Ахмети и домазетот во владата Ковачевски цветаат, инфлацијата го изеде домашниот буџет на граѓаните. Цените за основните прехранбени производи се зголемија и до 100%. Половина милион лица (500.000) во државата живеат во сиромаштија, тоа што порано можеше да се купи за илјада денари, сега не може да се купи ниту за 2.000 денари. Само во една година бројот на градежни работници се намалил за 12.000 луѓе, кои заминале во странство, а таа бројка сега и е многу поголема. На дното сме по странски инвестиции во регионот, а Македонија ја заврши 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57,1 процент од бруто-домашниот производ.

Додека ова се случува Ковачевски си се офајди со евтино земјиште за фотоволтаици, внукот на Али Ахмети ја приграби зградата Соравија, а братот на Артан Груби си купи дуќан во центарот на Скопје за багателна цена.

Интересите и бизнисите им се на прво место, а не сиромаштијата на граѓаните, кои крпат секој месец крај со крај, не им е важно ни тоа што се рушат рекордите на селење од државата на младите луѓе и од страна на Македонците и на Албанците“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:

„ВМРО-ДПМНЕ откако ќе ја преземе власта, главен приоритет ќе биде намалување на инфлацијата, зголемување на домашниот буџет на граѓаните и враќање на младите назад во својата држава“.