Инфлацијата наскоро ќе биде едноцифрена; ќе направиме сѐ, да нема покачување на цената на струјата, изјави Битиќи

Потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи денеска при гостувањето на националната телевизија се осврна на повеќе економски теми и нагласи дека стапката на инфлација наскоро ќе биде едноцифрена.

-Фактите говорат дека од октомври кога го имавме пикот на инфлацијата од 19,8 отсто, трендот на намалување, поради различните мерки, но и вкупните геополитички случувања, направија во последниот месец да се спушти на 11,3 отсто, рече Битиќи додавајќи дека реален е отпимизмот брзо да има едноцифрена стапна на инфлација, бидејќи намалувањето кај нас е поголемо од она во еврозоната.

Во врска со платите во јавниот сектор и барањата за нивно зголемување, Битиќи нагласи дека не може да се занемари фактот дека и во јавниот сектор платите во изминатите 6 години се зголемени во различни сектори од 20 до 45 отсто што не се случувало наназад низ годините.

-Кога наназад со години упорно сакате државата да ја ставите на исто рамниште со Кина, Индонезија и други земји и викате дека овде има евтина работна сила, веројатно последицата е она што ни се случува денес, рече тој.

Битиќи истакна дека се бара системско решение за сите вработени во јавниот сектор.

-Ние сме многу блиску со методологијата. Се обидуваме оваа недела да закажеме економско социјален совет да го предложиме новиот модел. Мислам дека ќе го отвориме за јавноста, за да се види што реално дискутираме, за да нема различни интерпретации од синдикатите или другите чинители дека сме понудиле ова или не. Ние велиме методологија што ќе биде одржлива, со период на прилагодување, но со јасна цел за нашите сограѓани во јавниот сектор, каде ќе стигнат со платите за одредена години, нагласи Битиќи, додавајќи дека нема магичен стап кој ќе ги реши проблемите за 24 часа, треба трпение, дијалог и консензус за решенија кои се одржливи.

Во врска со цената на струјата Битиќи смета дека не треба да има покачување и дека Владата ќе направи сé за да нема зголемување на цената за крајните корисници.

-Оптимизмот се должи на тоа што во минатото покажавме дека ако малку подобро се организираме, можеме да го зголемиме и домашното производство на струја и сметам дека тоа што требаше законски да се случи, да се врати ДДВ од 10 на 18 проценти може да има мало влијание, но правиме напори влијанието да е навистина многу мало, порача Битиќи.

Започнување на работа на терен за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во државата, изградба на коридорите 8 и 10 Д, Битиќи го очекува за неколку месеци.

-Динамиката е таква, во првите неколку месеци се прават испитувања на подлогите, се прават проектите и се носат на одобрување за да почне реалната реализиција. Се прават финалните подготвки за Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола, реално очекувам за 2-3 месеци да видиме работа на терен и кога ќе почне, нема да застане, таква е динамиката на оваа компанија, рече Битиќи, додавајќи дека според договорот, 51% од подизведувачите треба да бидат домашни и тоа ќе се следи.