Инфлацијата во Велика Британија забавила во јули на 6,8 отсто на годишно ниво, што е во согласност со очекувањата и е најниска годишна стапка на инфлацијата во оваа земја од февруари 2022 година, покажуваат податоците објавени во средата.
За споредба, во јуни годишната стапка на инфлацијата изнесуваше 7,9 отсто. Инфлацијата, така, продолжува да забавува во Велика Британија, откако ланскиот октомври достигна 11,1 отсто, највисокото ниво во последните 41 година, според одатоците на Бирото за национална статистика (ONS).
Од бирото соопштија и дека намалувањето на цените на гасот и на струјата станале најголемиот придвижувач на забавувањето на инфлацијата, а и инфлацијата на цените на храната, исто така, е ублажена.
Меѓутоа, Велика Британија и натаму бележи една од најголемите стпаки на раст на цените во западна Европа, само Исланд и Австрија имаат повисока инфлација.
Воедно, тоа е уште далеку над стапката којашто ја цели централната банка Bank of England (BoE), од 2 отсто.
„Имајќи предвид дека растот на платите и инфлацијата во секторот услуги се посилни откако што очекуаше централната банка, се чини дека BoE ќе има уште работа“, коментира Рут Грегори консултантка во „Capital Economics“.
Централната банка ја следи базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и на енергијата, како и цените на потрошувачките услуги, што дава поинакви показатели. Базичната инфлација, така, останала во јули на 6,9 отсто, непроменета во однос на стапката од јуни, и над очекувањата од 6,8 отсто на економистите во анкетата на Reuters.