Стапката на инфлација во Европската унија и еврозоната е намалена во ноември на годишна основа, а во Белгија е забележана дури и дефлација, се вели во извештајот на Eurostat објавен во вторник.
На ниво на ЕУ, годишната стапка на инфлација, мерена преку хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), кој овозможува споредба меѓу земјите-членки, во ноември паднала на 3,1 отсто, од 3,6 отсто во октомври, објави Европската статистичка служба.
Во еврозоната инфлацијата во ноември изнесуваше 2,4 отсто, забавувајќи од 2,9 отсто во октомври, според проценката објавена на крајот на ноември. За споредба, во ноември минатата година во ЕУ достигна 11,1 отсто, а во еврозоната 10,1 отсто, покажуваат табелите.
Белгија е единствената земја-членка на ЕУ која бележи пад на цените. Само во Белгија во ноември цените паднале на годишно ниво, за 0,8 отсто, се наведува во извештајот на Eurostat. Истовремено, Данска и Италија имаат најниска стапка на раст на потрошувачките цени во ноември во однос на истиот месец лани, од 0,3, односно 0,6 отсто.
Чешка имала највисока годишна стапка на инфлација, 8 проценти. Следуваат Унгарија со 7,7 отсто и Словачка и Романија со годишна стапка на инфлација од 6,9 отсто. Блиску е и Полска, со стапка на инфлација од 6,3 отсто.
Меѓу земјите со најсилен раст на потрошувачките цени, мерено со HICP, останува и најновата земја членка на еврозоната Хрватска, со годишна стапка на инфлација од 5,5 отсто, по октомвриската стапка од 6,7 отсто, во согласност со податоците што веќе ги објави Eurostat на крајот на ноември
Најблиску до Хрватска е Бугарија, kojaшто инаку се надева на скорешен прием во еврозоната, со иста годишна стапка на инфлација, покажуваат табелите на Eurostat. Во ноември минатата година, за споредба, годишната стапка на инфлација во Хрватска достигна 13 проценти.
Во ноември, на месечно ниво, потрошувачките цени во ЕУ паднале за 0,4 отсто, а во еврозоната за 0,6 отсто. Проценката на Eurostat од крајот на ноември покажала пад на цените во еврозоната за 0,5 отсто во однос на октомври.
Најголем пад на цените забележа Малта, за 2,9 отсто. Следуваат Кипар и Холандија со пад од по 1,5 отсто.
Во Чешка, Унгарија и Естонија цените се задржаа на октомвриското ниво. Полска има најголем пораст на цените во Унијата, за 0,6 отсто во однос на претходниот месец, покажуваат табелите.