Инфлацијата во еврозоната во јули 5,3 отсто

Инфлацијата во еврозоната благо се намалила во јули, лизнувајќи се на 5,3 отсто, покажаа најновите проценки на Eurostat во петокот.

Во јули годишната стапка на инфлација во еврозоната мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP) изнесувала 5,3 отсто, објави Европскиот завод за статистика, што е во согласност со првата проценка објавена на 31-ви јули.

Во јуни таа изнесуваше 5,5 отсто, како што покажа извештајот на крајот на минатиот месец.

На месечна основа, цените во 20-члената економија се лизнаа за 0,1 отсто во јули, во согласност со првата проценка.

Цените на енергијата се за 6,1 отсто пониски во јули во однос на истиот месец минатата година, по падот од 5,6 отсто во јуни, покажа извештајот, во согласност со проценката на 31 јули.

Цената на свежата храна порасна за 9,2 отсто на годишно ниво, нешто посилно од јуни, а растот на цените на услугите благо забрза, на 5,6 отсто, од јунските 5,4 отсто, како што покажа првата проценка.

Без цените на храната и енергијата, инфлацијата во еврозоната во јули изнесуваше 6,6 отсто и беше за 0,2 процентни поени пониска од јуни, според проценката на крајот на јули.

Во цела ЕУ цените се зголемија за 6,1 отсто во однос на истиот месец лани, откако во јуни беа повисоки за 6,4 отсто. Тие не се менувале на месечно ниво, покажува извештајот.

Најсилен раст на потрошувачките цени на годишно ниво во јули забележа Унгарија од 17,5 отсто, покажуваат најновите проценки. Следуваат Словачка и Полска со годишна стапка на инфлација од 10,3 отсто.

Во групата со двоцифрени стапки и натаму е само Чешка, каде инфлацијата изнесуваше 10,2 отсто.

Највисока едноцифрена стапка на инфлација забележа Романија од 8,9 отсто. Следува Хрватска со стапка на инфлација мерена со HICP од осум проценти во јули во однос на истиот месец лани. Најблиску до Хрватска во јули била Бугарија, со стапка на инфлација од 7,8 отсто, покажуваат податоците на Eurostat.

Најблаг раст на цените во ЕУ според HICP е забележан во Белгија во јули, од 1,7 отсто во однос на јули минатата година. Следуваат Луксембург и Шпанија, со раст на цените од два, односно 2,1 отсто.