Инфлацијата во еврозоната забрза на 8,1 отсто

Инфлацијата во еврозоната силно забрзала во мај достигнувајќи 8,1 отсто, што претставува највисоко ниво откако европското биро за статистика Eurostat пред 25 години започна да ги објавува извештаите, а тоа се припишува на забрзаниот раст на цените на енергијата.

Аналитичарите во анкетата порталот DailiFX очекуваа забрзување на показателот до 7,7 отсто. Една година претходно во мај во еврозоната беше забележана инфлацијата на 2 отсто на годишно ниво.

Во април годинава, пак, инфлацијата во еврозоната мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP) изнесувала 7,4 отсто.

Најсилно во мај во еврозоната пораснале цените на енергијата, за 39,2 отсто во однос на истиот месец минатата година. Во април биле зголемени за 37,5 отсто, покажува извештајот на Eurostat објавен во вторникот.

Цените на енергијата започнаа силно да растат уште кон средината на минатата година, поттикнати од бранот силна побарувачка поттикната од закрепнувањето на стопанствата по пандемиската криза, но и поради испразнетите европски складишта на гас од каде што енергенсот беше продаван на поскапиот азиски пазар.

Годинава, пак, растот на цените на енергијата забрза откако Европската унија воведе низа санкции против Русија поради нејзината воена операција во Украина. Во вторникот утрото ЕУ постигна договор за забрана на увозот на руската нафта со бродови, а планира да го намали увозот на гас од земјата којашто е и во моментов најголем добавувач на енергенси.

Рускиот гасен гигант „Газпром“ во мај ги запре испораките на гасот за Бугарија и Полска, коишто одбија да плаќаат во руската валута. Испораките за Финска запреа откако тамошната филијала на руската корпорација немаше добиено уплати подолг период, а до вторникот рускиот гас нема да го добива и холандската компанија „GasTerrа“. Дополнителни проблеми во мај предизвика и Украина со блокирање на клучните транзитни точки на гасоводот преку кој рускиот гас се испорачува во Европа, и откако Германија под притисокот на другите земји предводени од САД не даде дозвола за почеток со работа на гасоводот Северен тек 2.

Еврозоната во мај забележала и посилен раст на цените на преработената храна, алкохолните пијалаци и тутунските производи за 7 отсто. Во април цените на овие производи биле зголемени за 5,4 отсто.

Кога ќе се исклучи енергијата и свежата храна, цените во зоната на примена на заедничката валута во ЕУ во мај пораснале за 4,4 отсто, по 3,9-процентниот раст во април, измерил Eurostat.

Меѓу земјите од еврозоната најсилно минатиот месец пораснале цените во балтичките земји. Така, Естонија во мај забележала стапка на инфлација од 20,1 отсто, Литванија од 18,5 отсто а Латвија од 16,4 отсто.

Двоцифрени стапки на инфлацијата бележат и Словачка со 11,8 и Холандија со 10,2 отсто.

Најблаго во мај пораснале потрошувачките цени на Малта за 5,6 отсто, а блиску е и Франција со 5,8 отсто.