Инфлацијата во Германија забрзала во јануари, објави во средата заводот за статистика, по промените во пресметковниот метод, истакнувајќи го континуираниот силен раст на цените на енергијата и храната, но и честото зголемување на цената на услугите.
Потрошувачките цени се зголемија во јануари за 8,7 отсто во споредба со истиот месец минатата година, објави Destatis, потврдувајќи ја процената објавена пред две седмици.
Во декември тие пораснале за 8,1 отсто, а во ноември за 8,8 отсто, покажуваат ревидираните податоци по промената на базната година за пресметките, од 2015 на пандемиската 2020 година.
Во однос на декември, цените во јануари се повисоки за еден процент.
Хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), кој се користи за полесна споредба со другите земји од Европската унија, во јануари покажал пораст на цените од 9,2 отсто во однос на истиот месец лани. На месечно ниво се зголемени за 0,5 отсто.
Бирото извести за ревизијата на податоците поради промената на методологијата во прелиминарната процена на инфлацијата во јануари, кога доцнеше две седмици со објавувањето на податоците. Резултатите покажуваат дека растот на цените повторно забрза на почетокот на годината, забележува од Destatis.
„По слабеењето на крајот на (минатата) година, стапката на инфлација повторно е на високо ниво. Забележавме поскапување на многу производи, а сѐ повеќе и на услугите“, заклучи претседателката на заводот за статистика, Рут Бренд.
Во јануари значително поскапеле енергијата и храната за домаќинствата.
Цените на енергенсите биле за 23,1 отсто повисоки во однос на јануари минатата година и покрај владините мерки за помош. Енергијата ги чини домаќинствата дури 36,5 отсто повеќе од пред една година, се вели во извештајот.
Храната поскапела за 20,2 отсто на годишно ниво, а раст на цените е забележан во сите категории на производи, покажува извештајот.
„Стапката на раст на цените на храната е повторно двојно поголема од вкупната стапка на инфлација“, објави заводот за статистика.
Ако се изземат цените на енергијата, стапката на инфлација во јануари изнесувала 7,2 отсто. Ако се извадат и цените на храната, таа достигнала 5,6 отсто, се наведува во извештајот на Destatis.
Во јануари стоките поскапеле за 12,7 отсто, а услугите за 4,5 отсто, покажуваат пресметките на заводот за статистика.