Потрошувачките цени во САД во април пораснале малку поблаго и на месечно и на годишно ниво, покажаа податоците на Министерството за труд објавени во средата.
Потрошувачките цени, мерени со индексот на потрошувачките цени (CPI), се зголемиле за 0,3 отсто во април во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Бирото за статистика на Министерството за труд на САД. Во март беа повисоки за 0,4 отсто, а со иста динамика се зголемени и во февруари во однос на претходниот месец.
На годишно ниво, мерени преку индексот на потрошувачките цени, тие се повисоки за 3,4 отсто, откако во март пораснаа за 3,5 отсто во однос на истиот месец лани.
Иако растот на потрошувачките цени забавува на годишно ниво откако го достигна врвот од 9,1 отсто пред речиси две години, напредувањето остро запре. Инфлацијата забрза во првиот квартал поради силната домашна побарувачка по забавувањето во поголемиот дел од минатата година, потсетува Reuters.
Економистите велат дека инфлацијата е поттикната од давателите на услуги во сегментиte како што се осигурувањето на моторни возила, домувањето и здравствената заштита. Очекуваат намалување на инфлациските притисоци во овој квартал, а стапката на раст на цените постепено ќе се намалува кон нивото од два отсто, насочено од американската централна банка Fed, додека американскиот пазар на труд се „лади“.
Кога се исклучени нестабилните цени на храната и енергијата, потрошувачките цени, исто така, се зголемиле за 0,3 отсто на месечна основа, по растот од 0,4 отсто во март. На годишна основа, стапката на инфлација без цените на енергијата и храната, изразена преку индексот на потрошувачките цени, се намалила за 0,2 процентни поени во април во однос на март, на 3,6 отсто, што е нејзино најниско ниво од април 2021 година.