Инфлацијата во САД благо забрзала во октомври

Инфлацијата во САД благо забрзала во октомври, првпат од почетокот на пролетта, со посилно поскапување на струјата и забележително поблаг пад на цената на бензините, се вели во извештајот на Министерството за труд објавен во средата.

Потрошувачките цени во октомври се повисоки за 2,6 отсто во однос на истиот месец лани, пресмета министерството, што значи дека нивниот раст е забрзан првпат од март. Во септември тие се зголемија за 2,4 отсто, најблаго од февруари 2021 година.

Кога ќе се исклучат енергијата и храната, инфлацијата во САД се задржала на септемвриските 3,3 отсто, покажуваат пресметките на Министерството.

Цената на струјата за домаќинствата во октомври пораснала за 4,5 отсто, значително повеќе од септември. Гасот поскапел за 2 отсто, како и во септември.

Бензините, пак, поевтиниле за 12,2 отсто. Во септември нивните цени беа пониски за 15,3 отсто.

Цените на храната се зголемени за 1,1 отсто, приближно исто како и претходниот месец.

И растот на трошоците за изнајмување или одржување на стан е речиси непроменет во однос на септември, останувајќи блиску до нивото од 5 проценти.

Поскапеле услугите за медицинска нега, и тоа за 3,8 отсто во однос на ланскиот октомври. Во септември поскапеа за 3,6 отсто.

На месечно ниво, потрошувачките цени се зголемени за 0,2 отсто во октомври, како и во претходните три месеца. Кога ќе се исклучат енергијата и храната, тие пораснале со исто темпо како во септември и август – за 0,3 отсто, покажуваат табелите на министерството.

На месечно ниво најмногу поевтинил мазутот, и тоа за 4,6 отсто, потоа облеката која е за 1,5 отсто поевтина од септември.

Најмногу поскапеле половните возила и камионите, за 2,7 отсто. Трошоците за изнајмување и одржување на стан се повисоки за 0,4 отсто, а за исто толку пораснале и транспортните услуги.

Цените на храната, пак, се речиси непроменети на месечно ниво, покажуваат табелите на министерството.