Инфлацијата во САД попуштила во октомври

Растот на потрошувачките цени во САД забавил во октомври, одразувајќи ги благите поскапувања на гасот, струјата и храната, покажува извештајот на министерството за труд.

Индексот на потрошувачките цени покажал дека на месечно ниво пораснале со истото темпо како и во септември, за 0,4 отсто.

Во однос на минатогодишниот октомври зголемени се за 7,7 отсто, по 8,2-процентниот раст во септември. Со тоа растот на цените дополнително забавил во однос на највисокото годинешно ниво, забележано во јуни кога скокнаа за 9,1 отсто, најсилно од ноември 1981 година.

Кога ќе се исклучат цените на енергијата и храната, годишната стапка на инфлацијата изнесувала во октомври 6,3 отсто, лизнувајќи се од септемвриските 6,6 отсто, според извештајот објавен во четвртокот.

Попуштањето на инфлацијата во октомври го одразува поблагиот раст на цените на храната, за 10,9 отсто во однос на ланскиот октомври. Во септември храната поскапи за 13 отсто.

Цените на електричната енергија пораснале за 14,1 отсто, по 18,2-процентниот раст во септември. Гасот, пак, Американците го плаќале за 20 отсто поскапо отколку ланскиот октомври, а во септември постапи за 33,1 отсто.

Трошоците за домување пораснале за 6,9 отсто во октомври, малку посилно отколку во септември.

На месечно ниво растот на цените на храната благо забавил, на 0,4 отсто. Трошоците за домување, пак, пораснале за 0,8 отсто, речиси со исто темпо како и во септември. Енергијата, пак, поскапела за 1,8 отсто во однос на септември кога поевтини во однос на претходниот месец за 2,1 отсто. Бензините поскапеле за 4 отсто, а мазутот за 20 отсто.

Гасот поевтинил за 4,6 отсто отколку во септември кога поскапи за 2,9 отсто во однос на август. Цените на струјата биле речиси непроменети во однос на септември кога пораснаа за 0,4 отсто.

Кога ќе се земат предвид цените на храната и енергијата, потрошувачките цени во октомври на месечно ниво пораснале за 0,3 отсто, за половина поблаго отколку во септември.