Инфлацијата во Турција соборува рекорди

Трошоците за живот во Турција во месец јуни пораснале за 78,62 отсто во однос на истиот месец претходната година, турската лира бележи континуиран пад, а потрошувачката и цените за производство бележат постојан пораст, се вели во најновите анализи на националниот завод за статистика на Анкара.

Опозицијата ја обвинува владата дека ги крие вистинските бројки и тврди дека инфлацијата е значително повисока.

ЕНАГ, група која се занимава со истражување на инфлацијата во земјата, која е со седиште во Истамбул, проценува дека во месец јуни таа изнесувала 175,55 отсто на годишно ниво.

Стапката на инфлација во Турција ја подгреваат неколку фактори. Слабата национална валута, растот на цената на суровините, а дел од економските експерти во земјата сметаат дека турската централна банка не презема соодветни и добри мерки за борба против ваквите инфлаторни движења.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од друга страна, тврди дека високите камати се главниот извор на инфлација во земјата. Централната банка се раководи од неговите насоки и засега се воздржува од покачување на каматите. Со последната нивна одлука каматата се задржа на стапка од 14 отсто од почетокот на годинава.