Инфлацијата во Турција во март достигна 70 отсто

Во март инфлацијата во Турција достигна 70 отсто, главно поттикната од зголемувањето на цените на храната и на услугите. Во јануари инфлацијата порасна за 6,7 отсто, делумно поради значителното зголемување на минималната плата и новогодишното ажурирање на цените, а во февруари изнесуваше 4,53 отсто.

Според анкетата на Ројтерс, економистите проценуваат дека инфлацијата во март била во опсег од 68,2 до 70,54 отсто. Месечната прогноза за раст на цените се движеше меѓу 3 и 4,42 отсто. Податоците на Стопанската комора на Истанбул (ITO), покажаа дека малопродажните цени во Истанбул пораснале за 3,93 отсто во март. На годишна основа, индексот на цените на големо забележа раст од 63,21 отсто, пренесува Daily Sabah.

Во однос на претходниот месец, трошоците за здравје и лична нега се зголемени за 3,05 отсто, а трошоците за храна скокнале за 3,62 отсто.

На 21 март Централната банка на Турција, одлучи да ја зголеми референтната каматна стапка за 500 базични поени поради влошувањето на изгледите за инфлација. Во записникот Банката констатира дека водечките показатели упатуваат на забавување на инфлацијата.