Инфраструктурните проекти во Штип ја намалија невработеноста

Реализираните инфраструктурни проекти ја намалија невработеноста  во Штип. Меѓу капиталните инфраструктурни проекти во оваа општина се изградбата и реконструкција на патишта, а за намалување на невработеноста придонесуваат владините проекти и странските инвестиции, новата Клиничка болница, Универзитетот, како и најактуелниот проект „Купи куќа за млади“.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски вчера ги посети спортските и културните објекти во градот.

Во таа насока, Груевски потсети дека во 2006 година во Штип имало 12 илјади невработени лица, а градоначалникот Захариев информира дека сега после Кавадарци, градот е со најголем процент од 75 отсто вработени односно од 4.000 невработени, само 2.000 лица се активни баратели на работа.

Захариев го информираше Груевски дека странската текстилна компанија „Семак Фешн“, која изработува женски кошули за повеќе брендирани продавници во европските земји, веќе почнала да гради сопствен објект во една од индустриските зони во Штип. Најави дека во новата индустриска зона германската компанија „Мајер Мајер“ ќе гради голем дистрибутивен центар.

Потенцирајќи дека тоа е голема капитална инвестиција за Штип, Груевски меѓу другото констатира дека се тоа ќе придонесе за отворање нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните во Штипско.

Според градоначалникот Захариев, до крајот на неговиот мандат ќе бидат асфалтирани сите улици во градот, а досега, подвлече, се инвестирани и три милиони евра општински пари за асфалтирање на улици во градот. Изграден е, посочи меѓу другото, и експресниот пат Радовиш-Кочани до Велес. До 2020 година, најави, ќе се изгради и аеродромот во Штип.

Легализирани се, рече Захариев на средбата со Груевски, 11 илјади дивоградби.

Во рамки на владиниот проект „Купи куќа за млади“ во Штип, како што му посочи градоначалникот на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, планирани се плацови во населбите „Дузлак“ и „Баби“, како и кај „Три Чешми“ кон црквата „Св.Илија“ на излезот кон Струмица и Радовиш.

Нагласувајќи оти интересот на младите за овој проект е голем, Захариев информира дека веќе е распишан прв оглас за продажнба на 34 плаца во населбата „Дузлак“, додека кај „Три Чешми“ за оваа намена се проектирани 105 плаца, со комплетна инфраструктура. Со околу 600 плаца, појаснуваше на средбата со Груевски градоначалникот на Штип, ќе биде и делот кај „Три Чешми“ кон црквата „Св.Илија“ на излезот кон Струмица и Радовиш.

Инаку, за време на вчерашната посета на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ на Штип, градоначалникот Илчо Захариев информираше дека досега во рамки на градежната експанзија на културни и спортски објекти, само во спортски објекти Владата има инвестирано 1,5 милиони евра. Од страна на Груевски беше посочено дека е добро да се разгледа и можноста, доколку има интререс кај младите, покрај веќе постоечката фудбалска, да се отвори и тениска академија во Штип.