Ингеренциите за кумановската градинка ќе завршат до Народниот правобранител

Случајот со одземање на ингеренциите на градоначалникот Максим Димитриевски за кумановската градинка „Ангел Шајче“ ќе завршат во рацете на народниот правобранител. Случајот со целосна документација ќе го достави актуелната директорка Марина Алексовска, која ваквиот чекор го најави на денешната трибина на која присуствуваа и правобранителот Иџет Мемети и градоначалникот на Општина Куманово, пишува порталот „Кумановски муабети“.

Би сакала јавно да кажам дека ќе ја доставам целата процедура и постапка, која што е спроведена и од кои причини се одземени ингеренциите. За волја на вистината и транспарентноста сакам јавно да кажам дека целата документација ќе биде доставена до заменик Народниот правобранител и до вас како Народен правобранител, рече Алексовска.

Претходно градоначалникот Максим Димитриевски го праша правобранителот Мемети, каде да се обрати за одземање на одредени права.

Ми беше одземена надлежност во институцијата Детска градинка „Ангел Шајче“ поради наводно непочитување на роковите, сум постапил согласно пракса која е на сила и актуелниот директор е избран на тој начин како што е избран. Сум сакал да ја повторам праксата, на министерката не и се допаднало, ми вршеше притисок да го реизберам постоечкиот директор и ми ги одзема со едностран акт сите права како на градоначалник така и на Советот и денеска моите права се одземени. Немав простор да се пожалам некаде за да си ги вратам правата кои согласно законот граѓаните ми ги дадоа на избори, бидејќи сметам дека менаџирањето во овој град треба да биде поинакво во однос на она што беше до сега, рече Димитриевски.

Имам кочници во работата, но око не ми трепнува од никој, рече кумановскиот градоначалник, ќе работам согласно законот и вредните ќе ги почитувам и поддржувам, а оние за кои сметам дека работат лукративно и се составен дел од бирократскиот апарат ќе работам да го растурам тој апарат, посочи Димитриевски.

Со децентрализација на власта одредени надлежности се симнаа долу, но Владата треба да ја следи законитоста на постапувањето на локалните власти, рече правобранителот Мемети.

Законите се направени за луѓе кои се морални, а не ненормални, а кај нас се случува да се носат одлуки политички и тоа толку одвратни што човекот не може да ги сфати. Од причина што се злоупотренуваат можностите во конкретен случај на централната власт. Кај нас вештина е функционерот да најде начин како во рамките на закон да злоупотребува нешто. Почитуван градоначалник тој закон за да ве контролираат во однос на менаџирањето на центрите за социјална работа не е направен за да министерката го злоупотребува, за жал ние сме такви. Таа има можност да донесе таква одлука да ви се земаат таквите работи, рече Мемети.

Владата треба да одржи посебна седница за тој акт за одземање на ингеренциите рече правобранителот, затоа што има постапка како се прави тоа и барајте го тоа право.

Барајте од Владата уште еднаш да седне и да решава. Јавно треба да се каже, транспарентноста е голема работа, само така треба да се плашиме ние, инаку со морални не црвениме, рече Иџет Мемети.

Народниот правобранител најави отворање постапка за испитување на законитоста на одлуката, но само ако некој поднесе такво барање.