„Образованието е клучот за опстанок и развој на едно општество. Државата Македонија и актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ треба и мора да обезбеди средства за продолжување на растот на платите на наставниот кадар, нешто што се случуваше во изминатите неколку години. Не сметам дека нивото на плати сега е доволно за да можеме да кажеме дека луѓето што секојдневно се грижат, ги воспитуваат и ги образуваат нашите деца е доволно. И, тука нема компромис“ напиша на социјалната мрежа Фејсбук кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски.
Тој вели „ако повеќе од 2.000 јавни функционери сѐ уште примаат над 180.000 денари бруто плата, тогаш законски измени со кои ова ќе се намали за 20% ќе обезбеди за исто толку поголема месечна плата за над 10.000 работници во образованието. Сметам дека ова може да биде вистинскиот потег што треба да се разгледа и да се усвои“.
„Денешниот протест на дел од образовните работници, организиран од моментното партиско раководство на СДСМ воопшто не помага на реалната потреба за зголемување на платите. Еднаш мораме да разбереме дека ако сакаме нешто реално и остварливо за луѓето, треба да бидеме исклучително внимателни со политичките чекори. Иницијатива за законски измени за намалување на платите на функционерите или некој друг предлог за изнаоѓање на средства ќе беше многу пооправдан отколку протест организиран од политичка партија. Вака, се создава впечаток дека правиме обид за групирање дел од просветниот кадар под партиското знаме, што е мешање против кое токму СДСМ се бореше пред 10тина години” – е ставот на Деспотовски.