Иницијатива за Светиклиментовиот Универзитет во Охрид

По добивањето на иницијатива за Светиклиментовиот Универзитет во Охрид, од предлагачите и од кординативното тело составено од охридски универзитетски професори од повеќе научни области, и со нејзино развивање во елаборат подготвен согласно законско поставените нормативи и стандарди и водење на сите идни постапки кои ќе доведат до операционализација на оваа идеја. Иницијативата како што е наведено е подржана од повеќе интелектуалци, како и од Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, а со цел возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, од кои произлегле над 3.500 ученици – идни учители кои продолжиле да го описменуваат народот и ја преродиле културата во Македонија, а истотака низ сите словенски земји ја ширеле словенската писменост и наука.

Кон оваа иницијатива лично и целосно се придружувам за возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, затоа што иницијативата е реална и остварлива и нема некои финансиски импликации.

Охрид е нашиот христијански Ерусалим на Балканот.

Затоа:

Визијата за возобновување на Светиклиментовиот Универзитет се темели на реафирмирање на светиклиментовиот дух како просветител и современото високо образование. Од една страна, на поттикот и желбата да се оддаде должно признание на Свети Климент Охридски, реафирмирање на неговото дело и традиционалните универзални светиклиментови морални и духовни вредности, какоеден од најголемите словенски просветители и епископи,и на градење концепт на модерно квалитетно и инклузивно високо образование, од друга страна.

Свети Климент како духовен водач и просветител треба и мора да стане повеќе, да биде позначаен за градот Охрид. Преку возобновување на Светиклиментовиот Универзитет да покажеме на светот дека на овие простори функционирала просветна и културна институција која е позната како најстар универзитет во Европа и пошироко, она со што сите ние ќе се гордееме, не само Охрид, туку цела Македонија. Охрид, Ерусалим на Балканот, жариште на историјата и културата со Светиклиментовиот Универзитет ќе добие нов културолошки сјај и ќе стане меѓународно познат универзитетски центар.

Со идејата за возобновување на Светиклиментовиот Универзитет во Охрид ќе ја покажиме и нашата должна почит и слава кон делото на Светителот и Чудотворец Охридски, Свети Климент првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа – најстарата средновековна македонска книжевна школа формирана во 886 година, како прв Словенски универзитет и најстар Универзитет во Европа.

Од Охридскиот универзитет произлегле над 3.500 ученици – идни учители кои продолжиле да го описменуваат народот и ја преродиле културата во Македонија, а исто така низ сите словенски земји ја ширеле словенската писменост и наука. Свети Климент Охридски бил едноставен и близок со луѓето, морален и духовен човек и благодарение на неговата работа црквата станала чувар на верата, но и на националниот идентитет на народот. Ги насочувал учениците да напредуваат во знаење и во добродетелство, низ силата на животната неуморност и самопрегор да се стремат кон постојано учење и осознавање. Свети Климент напишал околу 50 дела од кои само на 15 се потпишал. Сите дела ги оставил во манастирот Свети Пантелејмон (на Плаошник) што го изградил тој, во Охрид. Освен што пишувал поучни и пофални слова со стил близок на народните маси, се занимавал и со преведувачка дејност.

Светиклиментовите морални и духовни вредности се темелите врз кои се базира нашата иницијатива за возобновување на Светиклиментовиот универзитет со перманентна тенденција на имплементирање на современите цивилизациски достигнувања во просторот и времето во кое живееме. Иницијативата ќе биде насочена кон градење на перспективи кои ги задоволуваат примарните научни и образовни процеси и други потреби на студентите во подготовката за врвно и професионално успешно вклучување во пошироката општествена заедница.

Делото на Свети Климент Охридски е вонвременско, универзално по својата големина и значење и ќе биде привилегија преку возобновениот Светиклиментов Универзитет во Охрид  да го следиме неговиот пример и делото што го создал во многу поинакво и потешко време од денес. Постулатите на возобновениот Светиклиментов Универзитет како модерен мултидисциплинарен  високообразовен наставно-научен центар, се стремеж кон создавање нова слика за високото образование во Република Македонија, блиска до најпрестижните Европски и светски универзитети за применливо знаење, како и преточување на светиклиментовите вредности во нови современи визии за новите науки и технологии, во визии за развој на иднината на македонската и светска научна мисла. Така ќе оддадеме најголема почит на величините како Свети Климент Охридски, но ќе оставиме и вредности за идните поколенија, кои ќе треба да продолжат по тој пат, дека образованието е единствениот и вистинскиот пат до успех во животот. Славењето и продолжувањето на традицијата на Светиклиментовото просветително дело во Охрид, ќе значи и славење и на сите наши знајни и незнајни учители во сите епохи.

Возобновувањето ќе оди преку интегрирање

Возобновувањето на Светиклиментовиот Универзитет ќе се постигне преку интегрирање на постоечките универзитети, факултети и научни институти на подрачјето на Охрид и градовите кои имаат природна врска, Кичево, Струга и Дебар. Новиот универзитет ќе се основа со припојување на: постојниот државен Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид со неговите факултети, трансформирање на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид со припојување на одделението за економски науки од Струга, припојување на Факултетот за правни науки од Кичево и одделението во Струга кој природно припаѓа на овој универзитет како и припојување на Институтот за филм – Филмска академија и Хидробиолошкиот институт од Охрид. Досегашното работење на истите се покажа несоодветно на новонастанитите услови и поради што опаѓа интересот за студирање, што предизвика сериозни штети и ретроградни процеси во Република Македонија. Имено, денес е повеќе од очигледно дека постоењето на квалитетно високо образование е неопходен услов за одржлив развој на современото општество, затоа што го одредува квалитетот на човечките ресурси во земјата.

Мисијата за возобновувањето на Светиклиментовиот Универзитет во Охрид произлегува од историската обврска на високо воспоставените нивоа на Свети Климент Охридски во процесот на образување генерации со цивилизациски вредности. Во оваа насока, ќе се настојува да се образуваат стручни кадри чие знаење ќе биде апликативно не само во Република Македонија, туку и во светот. Тоа подразбира прилагодување на образовните содржини, примена на различни пристапи, организација и стратегии за да се овозможи квалитетно високо образование.За да се смета образованието севкупно за квалитетно, треба значително да се унапредат застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и наставните програми на факултетите и инфраструктурните услови за спроведување на практична (клиничка) настава.

Квалитетното високо образование ќе придонесе за осознавање и усовршување на слободномислечки личности, кои покрај знаењето и умеењето ќе се изградуват и како карактерни личности насочени кон современите цивилизациски придобивни во сите области на животот.

Со вака поставени цели Универзитетот ќе работи со нов концептиран пристап во постигнувањето на највисоки образовно академски стандарди и вредности усогласени со потребите на студентите, општеството (пазарот на трудот, администрацијата) и проектираните национални и регионални перспективи кои кореспондираат со европскиот образовен систем во високото образование. Универзитетиот ќе овозможи стекнување на општи (теорија и пракса) и специфични научни и уметнички знаења и умеења низ иновативни процеси кои се во функција на збогатување на ризницата на материјални и духовни вредности. Специфичност во реализацијата на научно-истражувачки, уметничко-истражувачки проектни активности ќе биде со активно учество и придонес на студентите кои низ менторско и експертско водство ќе навлегуваат во тајните на научно-истражувачкиот процес. Тенденција на возобновениот Светиклиментов Универзитет во Охрид ќе биде постигнување највисоко ниво во наставата што ќе придонесе за поголема научна институционална релевантност. Универзитетот во своите концептуални рамки ќе настојува да постигне максимално почитување на образовните и други разлики помеѓу корисниците на услугите со што ќе ги засили своите хуманистички и демократски димензии.

Враќање на духот на светиклиментовиот универзитет

Со намера во законска процедура да иницираме и креираме нова димензија и нови вредности во високото образование во Република Македонија, протежирање на клиничка настава, адекватна со потребите на пазарот на трудот и нова цивилизациска иднина на високото образованиево земјава, имаме чест да ја доставиме оваа иницијатива за возобновување и отворање на Светиклиментовиот Универзитет во Охрид.

Со оглед на фактот дека во 2007 година е започнато возобновување на овој интегриран Универзитет, основната замисла беше да се спои сакралното со световното, да се направи една симбиоза на времето Свети Климентово, со времето на двaесет и првиот век. Оваа иницијатива има за цел да го врати духот на Светиклиментовиот Универзитет во симбиоза со просторот и да се вклопи во крајоликот на цитаделата самоилова – Самоиловата тврдина, Плаошник и Светис Јован Канео. Иницијативата е да направиме еден центар што ќе ги спојува сите овие елементи. Што значи тоа? Тоа значи дека во изградениот, во возобновениот Свети Климентов универзитет се планира интегрирње и на Теолошкиот факултет во соработка со МПЦ.

Идејата за возобновување и враќање на духот на Светиклиментовиот Универзитет во Охрид е создавање современа интегрирана и модерна образовна научна институција во земјава, која ќе почива врз темелите на просветната дејност на светителот и основач на охридската книжевна школа Свети Климент. Идејата е да се создаде најоригинален и целосно препознатлив едукативен (универзитетски) центар во Република Македонија, кој на уникатен и автентичен начин ќе го спои времето на македонскиот и словенскиот учител и просветител Свети Климент и неговата педагошка школа од која образование стекнале 3.500 ученици (ширејќи ја писменоста низ целиот свет) со идејата за поинтентензивна континуирана менторска работа со студентите (менторски систем) за создавање регионална и меѓународна мрежа на кадри едуцирани во овој универзитет, распоредени во систем на мрежа од вработени студенти во економскиот сектор, политиката, администрацијата и други сфери, повторно поврзани со универзитетот преку концептот за соработка и доживотно учење.

Во 21-ви век, возобновениот Светиклиментов Универзитет според иницијативата треба да претставува интегрирана целина (интегриран универзитет) на повеќе факултети што треба да биде соодветно вклопена во образовниот систем и според одредбите во Законот за високо образование во Република Македонија. Светиклиментовиот Универзитет во Охрид треба да биде и место каде ќе се собираат квалитетни научни работници, уметници и други кадри од земјата и странство, место за сите млади подготвени за динамично, сеопфатно и квалитетно образование.

Кај постоечките универзитети се става акцент на теоретската настава со недоволната примена на праксата, односно практичната работа на факултетите е многу слабо застапена или пак на некои воопшто и ја нема поради разни причини некаде поради лошата опременост на факултетите, некаде поради немање професионален кадар.

Отворањето на Светиклиментовиот Универзитет, кој ќе биде прв универзитет за практична (клиничка) настава во високото образование во Република Македонија, ќе донесе прогрес во Македонското високо образование. За квалитетно високо образование потребно е материјата да се предава со современи наставни методи кои вклучуваат и практична (клиничка) настава што ќе поттикнат и ќе овозможат самостојно истражување од страна на студентите, односно ќе овозможат критичко размислување. Ваквиот концепт на високо образование на  Светиклиментовиот Универзитет ќе придонесе Охрид покрај духовен да стане и универзитетски центар кој ќе ја обединува современата наука и научните достигнувања прилагодени за обука на студентите кои по завршување на високото образование ќе имаат покрај теоретското знаење и практични вештини, на начин што ќе им овозможи компетентност и конкурентност на пазарот на трудот.

Универзитетот, низ менторскиот систем на работа и клиничкиот научно-наставен систем на работа со студентите ќе биде мошне интересен за идните генерации кои во уникатниот поврзан образовно-научнен систем ќе препознаат современа иновативна мултидисциплинарна научно-истражувачка дејност за стекнување квалитетно образование и знаење. Тука, како своевремено во Светиклиментовата школа, низ организиран систем на научно-наставниот процес, заедно ќе работаат професорите и студентите, ќе се создава образовен процес во сите нивоа на академското образование и ќе се креира новиот развој и напредок на македонското општество. Тие нови генерации како високо едуцирани професионални кадри ќе бидат способни да ги задоволат современите потреби на пазарот на трудот за квалитетни високо образовани кадри оспособени да ги задоволат потребите во сферата на општествениот и приватниот бизнис сектор

…Генералната идеја за возобновување и отворање на Светиклиментовиот Универзитет се темели на трансформирање и соодветно структурирање на постојниот државен Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид со неговите факултети, трансформирање на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид во Факултет за економски науки со студиска програма за туризам и угостителство или и Факултетот за туризам и угостителство со припојување на одделението за економски науки од Струга како и припојување на Факултетот за правни науки од Кичево и одделението во Струга кој природно припаѓа на овој универитет. Кон новиот универзитет планирано е да се приклучат и институтот за филм – филмска акдемија како и Хидробиолошкиот институт од Охрид како и да се акредитираат нови студиски програми значајни за натамошен развој на нашето општество.

Постоењето на Светиклиментовиот Универзитет е во духот на идејата на Св. Климент Охридски за кој се вели дека никој никогаш не го видел Св. Климент да се одмора, туку напротив – постојано бил зафатен со работа: на едни им ги покажувал буквите, на други им ја држел раката при пишувањето, а на трети им ја објаснувал длабоката смисла на напишаното. Честопати вршел и две работи одеднаш: и деца учел, и книги пишувал. Поголемиот дел од своето време го употребувал за молитва и богомислие. Тој знаел, а и другите постојано ги учел, дека мрзливоста е мајка и учителка на секое зло. Особено настојувал да ја искорени мрзливоста, да ги навикне луѓето на работа, да ги скроти и спитоми жестоките срца, да ги приведе кон покајание и да ги исполни со вистинско знаење за Бога и за блажениот живот на праведниците во царството небесно. Неговиот труд не останал без плод: учениците негови напредувале и во знаење и во добродетелен живот. Неговата слава се повеќе растела и гласот за овој голем духовник и проповедник се слушал на далеку. Затоа бил хиротонисан за прв епископ словенски. Тогаш ги зголемил уште повеќе своите грижи и трудови за доброто и душевното спасение на своите духовни чеда. Во неговото житие се вели дека не им давал сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи. Учел и дење и ноќе, утврдувајќи ги верните во вистините на христијанската вера и богоугодие. Се грижел и за телесната храна на сиромашните, вдовиците и сираците. Напишал беседи на сите неделни и празнични денови на прост и јасен јазик, така што секој можел да ги разбере вистините кои ги учел…

Согласно овој модел возобновениот Светиклиментов Универзитет ќе вклучува:

  1. Факултет за информатички науки технологии – транформиран од Универзитетот Св. Апостол Павле,  со следниве (постоечки) студиски програми:

1.1  Компјутерски науки и инжинерство;

1.2  Комуникациски мрежи и безбедност;

1.3  Машинска интелигенција и роботика;

1.4  Информациони системи, визуелизација, мултимедија и анимација;

1.5  Информациони теории и анализи.

Замислата е Универзитетот за информациски технологии и науки да се трансформира/претвори во единица на Светиклименотвиот Универзитет. Досегашните факултети на универзитетот ќе станат студиски програми и ќе се задржи целокупниот наставен и студенстки кадар;

  • Факултет за македонски јазик и книжевност – програми каде покрај македонскиот ќе се изучуваат: старомакедонскиот, старогрчкиот, латински и хебрејски јазик, заради потребите на Факултет за историски науки за студиски програми: археологија, архивистика, етнологија и историја;
  • Факултет за историски науки со студиски програми: археологија, архивистика, етнологија и историја;
  • Факутет за применети уметности (ликовна уметност и мултимедија);
  • Факултет за економски науки, претприемништво и туризам – за овој факултет се предвидува да биде трансформиран од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и припојување на одделението за економски науки од Струга; Во рамките на овој факултет би се изучувале следните студиски програми: меѓународна економија, финансиски менаџмент, дигитален маркетинг, проект менаџмент, туризам, банкарски менаџмент и претприемништво, сметководство и ревизија и др.
  • Факултет за правни и безбедносни науки – се предвидува да биде припоен од Факултетот за правни науки од Кичево со задржување на постоечото седиште и оделението во Струга; Во рамки на овој факултет би се изучувале правни и безбедносни науки како и програмата за безбедност и финансиска контрола.
  • Хидробиолошки институт со студиски програми ќе прерасне во Факултет за заштита на животната средина, со следните насоки: лимнологија, хидрологија, биохидрологија, биолошки инжинеринг, екологија, еколошки инжинеринг, педологија и метрологија;
  • Филмска Академија – од институт за филм кој беше отворен во соработка со ФАМУ од Прага, Република Чешка, ќе прерасне во Факулет за визуелни уметности (филм, фотографија, режија, сценаријо, монтажа на звук и слика, дигитална уметност и продукција);
  • Факултет за медицински науки, кој ќе ги користи Општата болница Охрид и Струга, Коснозглобна болница Свети Еразмо Охрид, Кардиолошки  центар Охрид, Центар за нефрологија Струга и просториите на детската болница и детското одморалиште во Охрид кој сите би прераснале во Клинички центар Охрид
  • Факултет за комуникологија и комуникациска технологија;
  • Теолошкиот факултет – во договор со МПЦ;
  • Институт за стратешки истражувања; 
  • Институт за  „одличност“ развој на надарените ученици и студенти;
  • Институт за нови (нано) технологии – нанотехнологии, бионика, фотоника и биоинжинеринг;
  • Центар за кариера – студентски сервис за кариерен развој, заради овозможување постојани врски меѓу студентите и деловната заедница, подобрување на пристапот до пазарот на трудот, насочување на студентите во процесот на вработување и олеснување на пристапот до работните места;
  •  Универзитетска библиотека – создавањето национален фонд на литература во високото образование е запоставен. Моменталната состојба е дека студентите немаат доволно соодветна литература од сите полиња и области во подрачјата. Издавачката дејност на постоечките универзитети/факултети е различна и зависи од финансиските можности на универзитетот/факултетот. Литературата во високото образование често има ограничена читателска публика и оттука не е атрактивна за комерцијалните издавачи. Затоа, во рамки на  Светиклиментовиот Универзитет ќе биде отворена и нова современа библиотека која ќе им овозможи бесплатен пристап на наставниците и студентите до современа стручна и поширока литература,  мултимедијални содржини, странски стручни списанија, интернет итн. до кои ќе може да имаат пристап и сите заинтересирани  жители и туристи на градот Охрид кои ќе бидат заинтересирани да го надоградат и прошират своето знаење.

Факултетите и насоките ќе се допрецизираат, со тоа и иницијативата за возобновување на Светиклиментовиот Универзитет ќе претрпи измени и дополнувања.

Инфраструктура

Светиклиментовиот Универзитет ќе ги користи просториите и инфраструктурата на: постоечкиот Универзитет за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ во Охрид со неговите факултети, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и одделението за економски науки од Струга, Факултетот за правни науки во Кичево со постоечото седиште и оделението во Струга, студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, спортско рекреативниот центар “Биљанини извори”, постоечки центри од средните и основните училишта  за одржување на клиничка настава  и други простории во сопственост на Република Македонија и Општина Охрид. Во рамки на касарната во Охрид веќе има адаптиран простор кој е комплетно уреден и може веднаш да се стави на располагање на новиот универзитет. Согласно донесениот ДУП на делот од касарната е предвидено и изградба на спортска сала која дополнително ќе придонесе за атрактивноста на самиот универзитетски кампус. Новоизградените објекти на Плаошник исто така ќе бидат атрактивен простор кој универзитетот ќе го користи.

Местоположбата на Охрид, а со тоа и на Светиклиментовиот Универзитет, големиот број на угостителски објекти, приватни капацитети за сместување, аеродромот Свети Апостол Павле и други ќе бидат во функција на одржливиот развој и организирањето на квалитена настава и пракса. Со развивање на идејата за возобновување на Светиклименотвиот Универзитет ќе се разбуди духот на стариот дел од градот Охрид, градот Охрид и околните места.

Поради споменатите карактеристики на Охрид секоја година Универзитетот ќе организира меѓународни конференции, форуми, семинари, работилници, практични обуки, дебати, летни школи, истражувања, ископувања, размена на студенти, кои активности ќе значат и поддршка за развој на туризмот во градот Охрид и околината во тек на целата година, што индиректно ќе придонесе за поголем економски развој во целиот Југозападен регион. Овој континуитет ќе се надополни со давање одредени бенифиции, доколку учесниците во образовниот процес по разни основи во текот на летото сакаат да летуваат во Охрид. На тој начин ќе се воспостави организиран систем на посета, а градот ќе живее скоро во текот на целата година. Во оваа насока треба да се користи и студентскиот дом во Охрид „Никола Карев“ кој ќе биде во функција на Универзитеот каде покрај студентите ќе престојува и наставно-научен кадар вклучен во наставата на Универзитетот од други градови и држави.

Како пропратни активности на универзитетскиот систем заради подигнување на универзитетско ниво да се вклопат и летно–зимските школи водени од државни институции коишто веќе егзистираат во Охрид и регионот. Како најважни тука би ги спомнале: Летната школа за млади лидери под покровителство на поранешниот Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов за која на новиот универзитет би се нашла можност да продолжи да опстојува како еден многу успешен проект, летна школа за претприемништво, вклучување на сите Академии на науките и уметностите од целиот свет, летна општо словенска научна истражувачка школа и други.

Новиот универзитет ќе значи нов економски и духовен развој за градот Охрид и негова меѓународна промоција не само како град на Унеско, но и како град во кој бил основан најстариот универзитет во Европа. Сериозно економски ќе влијае врз состојбата во градот, а ќе предизвика и движење на нови луѓе нешто што навистина недостасува во Охрид по завршување на туристичаката сезона.

НА ПОТЕГ Е ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

Благословот на Свети Климент и љубовта негова нека бидат со нас.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес