Инспекција влезе на Институтот за Радиологија. Дел од пациентите покрај информирањето на медиумите, одлучиле да се обратат и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Курир вчера објави дека на Институтот за Радиологија пациентите со месеци не можат да добијат резултати за извршените снимања. Голем дел од нив се и онколошки случаи, а токму резултатите од Радиологија кои ги чекаат се клучни за нивното натамошно лекување. Во животната битка овие пациенти се попречени од колапсот што се случува на Радиологија за кој од Министерството за здравство се уште молчат.
Директорката на ДСЗИ, доктор Ирина Бухова во изјава за Курир вели дека во петокот добиле пријава од пациент, по што веќе во понеделникот (27.06.2022) излегле на терен за утврдување на состојбата.
-Во ДСЗИ стигна претставка за неиздаден резултат за извршено снимање. Постапувајќи по Законот за здравствена заштита и Законот за права на пациенти извршен е вонреден инспекциски надзор при што констатирано е дека постојат неиздадени резултати на веќе извршени дијагностички процедури. Од страна на ДСЗИ по извршениот надзор, при кој се констатирани недостатоци согласно надлежностите на Инспекторатот, е издадено решение со кое установата се задолжува да се почитува рокот на важност на издадените упати, резултатите од извршените дијагностички радиолошки иследувања да се издаваат по завршување на иследувањето согласно медицина базирана на докази и да се почитуваат интерните општи акти од страна на вработените лица. Рокот за постапување е седум дена, вели Бухова за Курир.
На социјалните мрежи се повеќе граѓани реагираат и потврдуваат дека со месеци чекаат резултати оние кои имаат финансии i не може да си дозволат да одат во приватните клиники. Останатите се оставени сами на себе во лавиринтите на јавното здравство.
Во приватните клиники снимања на магнетна резонанца или компјутерска томографија, во зависност од тоа на кој дел на телото, чинат од 10.000 до 30.000 денари.