Инспекцијата затвори дивоградба на Водно, на инвеститорот му е даден рок да го сруши

Секторот за инспекциски работи на Општина Центар затвори градилиште на Водно на улицата „Христо Чернопеев“ бб. Овластен градежен инспектор со решение му нареди на инвеститорот, физичко лице со живеалиште во Струга, да прекине да гради и да ја острани градбата.
„Се работи за објект од втора категорија со намена А1 – домување во станбени куќи, со димензии 11.8 метри на 8.9 метри, изграден од армирано бетонска конструкција на улица „Христо Чернопеев“ бб, дел од локалитетот Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2. На инвеститорот, овластен градежен инспектор на 20.7.2021 година, му издал Решение со кое му се наложува итен прекин на градежните работи. И покрај добиеното решение за прекин на изградбата, тој продолжил со изградба на објектот, спротивно на издаденото одобрение за градење и заверениот основен проект“, се вели во соопшението на Општината.
Се додава дека, вз основа на член 134 и член 137 од Законот за градење, овластен градежен инспектор, постапувајќи по службена должност, извршил контролен инспекциски надзор и донел решение со кое му наложи на инвестирот во зададен рок да ја отстрани градбата. Во спротивно, Општината ќе пристапи кон присилно административно извршување, а трошоците од извршувањето ќе паднат на товар на инвеститорот.
„Упатуваме апел до сите инвеститори и сопственици на нелегални објекти, да постапуваат по издадените решенија за отстранување. Во спротивно, како во овој случај, Општината присилно ќе ги отстранува објектите, со што трошоците за отстранувањето паѓаат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на нелегално поставените и изградени објекти“, стои во соопштението.