Инспекцискиот тим на ИАЕА пристигна блиску до нуклеарната централа во Запорожје

Инспекцискиот тим на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) пристигна во градот во близина на Запорожје на југот на Украина, со цел да изврши увид во нуклеарната централа која беше цел на гранатирање во последните денови.
Агенцијата Ројтерс наведува дека инспекторите најверојатно ќе преноќат таму пред утре да ја посетат нуклеарната централа на територијата под контрола на Русија.

Официјални лица кои Русија ги стационира во областа во близина на централата посочија дека посетата може да трае само еден ден, додека претставниците на ИАЕА и Украина најавија дека тоа ќе трае подолго, пренесува Радио Слободна Европа.

Шефот на ИАЕА, Рафаел Гроси, изјави дека мисијата ќе помине неколку дена во близина на нуклеарната централа Запорожје во Украина.

„Конечно, ситуацијата се менува по шест месеци напор. Имаме многу важна задача овде да ја процениме реалната ситуација и да помогнеме да се стабилизира ситуацијата што е можно повеќе“, рече Гроси.

Москва се надева дека мисијата на Агенцијата во нуклеарната централа Запорожје ќе ги запре напорите на Киев да ја спречи катастрофата, објави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Се надеваме дека посетата на експертите на нуклеарната централа планирана за денеска ќе им помогне на украинските власти да ја запрат желбата да предизвикаат нуклеарна катастрофа и да стават крај на нуклеарната уцена“, рече таа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ги прими експертите на Агенцијата во Киев и рече дека на меѓународната заедница и треба Русија „итно да ја демилитаризира“ централата. Според него, тоа подразбира заминување на сите руски војници со експлозиви и оружје од таа локација на југот на Украина, околу која Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за борбени удари.