Институциите не го спречиле ризикот од корупција во случајот „Бехтел и Енка“

Договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите е спротивен на законот за лобирање, а Владата, Собранието и претседателот на државата не ги искористиле механизмите кои ги имале, за да ги спречат повредите при носењето на специјалниот закон со кој американско -турската компанија ќе ги гради автопатите. Ова е дел од анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис – Скопје“, која го анализира целиот процес за склучување на договорот со „Бехтел и Енка“, кој остана таен и носењето на законот со европско знаменце. Авторот на анализата Миша Поповиќ вели дека не знаеме дали има корупција, но тврди дека институциите не успеале да го заштитат целиот процес од приватни коруптивни влијанија.

Носењето на Законот за изградба на коридорите 8 и 10д требало да помине низ четири контролни точки. Но, според анализата, ниту една од нив не успеала да обезбеди интегритет при носење на одлуките. Затоа, според Поповиќ, во иднина потребно е да се прошири обемот на контрола, вклучувајќи ја и судската власт во ценење на процесот на носење одлуки. Како една од најголемите слабости во пшроцесот, анализата ја посочува недоволната транспарентност и отсуство на дебата.

Владата склучи договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за израдба на четири автопати во два коридори, без тендер и во четири очи. Цената на договорот е 1,3 милијарди евра, од кои досега се исплатени повеќе од 180 милиони евра за старт на изградбата, но засега на терен не се случува ништо. Договорот го истражува антикорупциска, од каде што велат дека предметот е комплексен и треба време. Договорот веќе четири месеци го анализира и Јавното обвинителство.