Институциите не преземаат доволни мерки за загадениот воздух, реагираат од Град Скопје

-Во услови на нотирано зголемено загадување на амбиенталниот воздух во Град Скопје, покрај Инспекторатот на Градот, сѐ уште има вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадувањето на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните меѓу кои Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина,  Државниот градежен инспекторат, инспекциските служби на 10те општини во град Скопје, соопштија од Градот.

-Досега ЕДИНСТВЕНО градот Скопје секојдневно реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска. За време на изминатата недела инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекуваат помеѓу 20 и 30 санкции.

Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани.

За жал и по повеќе од 2 години сеуште нема реакција од Обвинителството по поднесената кривична пријава за Усје, каде се измерени три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата од дозволените, на метар кубен секој час, што како сериозни прекршувања се спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава Министерството за животна средина. За загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажале повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажале 711,9 милиграми на метар кубен.

Град Скопје со цел подобрување на квалитетот на воздухот реализира конкретни мерки во текот на целата година односно се доделуваат субвенции за инвертери, велосипеди, чистење оџаци, замена на азбестни кровови.

Воедно се спроведуваат мерки за зголемена енергетска ефикасност, зголемени инспекциски контроли, нови зелени површини и појаси, нови велосипедски патеки. Со овие мерки и активности кои Град Скопје континуирано ги реализира, се делува превентивно кон изворите на загадување на воздухот кои потекнуваат од сообраќајот и користење несоодветни енергенси.

Секој месец организира еко акции за садење дрвја и зазеленување нови површини во соработка со средните училишта на Град Скопје со што се подига нивото на свесност кај младите за важноста на здравата животна средина, соопштија од таму, меѓу другото.

Инспекторите на Град Скопје продолжуваат со засилен инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот.