Институтот за национална историја ги осудува негирањата на македонската историја и идентитет

Институтот за национална историја реагира во врска со, како што велат од таму, актуелното политичко оспорување на македонската национална историја и идентитет.

„Институтот не може да не реагира во услови кога политиките директно задираат во науката и особено кога со политички меморандуми цела една нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на целосна ревизија на историјата на македонскиот народ и нација“, се наведува во соопштението.

Од Институтот посочуваат дека евроинтеграциите на македонската нација не смее да се условуваат со ултимативно прифаќање на, како што се вели, влијанија и историски вистини од други национални историографии.

„Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат одредни исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи“, велат од Институтот за национална историја.

Имајќи ја предвид природата на научната мисла, која е неопходно да биде слободна и независна, а не политички условена, Институтот го изразува својот категоричен став на осуда на сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот.

„Институтот нема да ја подреди својата научна дејност на било какви политички влијанија“, се наведува во соопштението во кое се додава дека Институтот претставува најстара научна установа во македонската држава, чијашто дејност е приоритетно фокусирана на научното проучување на историските процеси од минатото на македонскиот народ и нација, на етничките заедници, како и на релациите со соседните балкански народи и држави.