Интензивни разговори за формирање на новата влада на Црна Гора

Во Црна Гора се очекува претседателот Мило Ѓукановиќ да го потпише изменетиот Закон за претседател, а по објавувањето во Службен весник ќе го именува мандатарот за состав на новата влада, кандидатот на старо-новото парламентарно мнозинство, Миодраг Лекиќ.

Лекиќ, кој е претседател на Демос и пратеник, најави дека во парламентарното мнозинство се водат интензивни разговори за новата влада.

„Бараме претседателот да ги повтори консултациите и да го одреди мандатарот, а очекувам дека Ѓукановиќ ќе го стори тоа. Ова би била прва влада по демократските промени со целосен легитимитет“, изјави Лекиќ за подгоричката телевизија Нова М.

Тој нагласи дека по две години постигнале доверба меѓу партиите од победничкото мнозинство.

„Не очекувам никакви проблеми околу формирањето на владата и поделбата на ресорите, бидејќи по две години талкање парламентарното мнозинство ги научи лекциите. Владата треба да се формира врз основа на изборните резултати и тоа сите ќе го почитуваат“, рече Лекиќ.

Тој смета дека меѓународната заедница ќе ја почитува волјата на граѓаните како врвен критериум, исто како што тоа се случува во нивните земји – мнозинството што ќе ја добие поддршката од граѓаните да формира влада.

Лекиќ рече и дека очекува актуелната влада во овој момент да донесе одлука за влез на Црна Гора на Отворен Балкан.