Интензивните врнежи од дожд значително го покачија нивото на вода во реките од хидросистемот „Брегалница“ со што браната Калиманци е пред полнење до максималниот капацитет од 115 милиони кубни метри вода.
Дотокот на вода од реката Брегалница и нејзините притоки изнесува околу 11 метри кубни во секунда и со таква динамика на полнење се очекува наскоро акумулацијата да ја достигне горната кота за прелив. Каналската мрежа од хидросистемот е ставена во целосна функција, а во десниот магистрален канал се пуштаат по шест кубни метри во секунда, како надополнување на проточните води од реките за полнење на оризовите ниви во регионот.
-Во моментот во Калиманци има околу 113 милиони кубни метри вода, односно недостасуваат уште околу педесетина сантиметри до прелавање преку страничниот преграден ѕид. За да се обезбеди прифаќање на новите количини, од пред три недели ја пуштивме водата во главниот канал, а дел се користи и за потребите на хидроелектраната во рамки на браната. Во наредните денови постепено ќе ги зголемуваме количините во десниот магистрален канал, сè до неговиот оптимален капацитет. Поволната хидролошка состојба помогна полнењето на нивите со вода и сеидбата на оризот да тече според планот, а според наши проценки околу 70 отсто од планираните површини се веќе посеани, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани.
Мобилните екипи на водостопанското претпријатие и понатаму се на терен и работат на каналската мрежа за обезбедување вода за полињата во атарите на населените места во општина Чешиново-Облешево, каде сеидбата на оризот вообичаено се реализира во текот на мај. Според годишниот план за наводнување, годинава со ориз се опфатени околу 3.500 хектари.
Од водостопанската подружница „Брегалница“ нагласуваат дека и покрај максималното ниво на акумулирана вода во Калиманци, распределбата ќе се врши крајно економично за да се обезбеди наводнување во текот на летниот период за полињата во кочанскиот, пробиштипскиот и светиниколскиот регион