Интензивно се работи на реконструкции во студентските домови. Во завршна фаза е реновирањето и реконструирањето на блокот „Б“ во студентскиот дом „Гоце Делчев“. При крајот на следната недела ќе почне етапно носење и монтирање на мебелот. Во наредните денови, пак, ќе биде распишан тендер за набавка на нови лифтови за сите студентски домови во земјата.
Ова денес го најави денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, пренесе МИА.
Реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“ е согласно динамиката и планот и во рамки на планираното. Во блокот „Б“ или блокот којшто е комплетно реконструиран и реновиран целосно се завршени сите градежни активности, мебелот е веќе во завршна фаза и во оваа прилика ми претставува задоволство да информирам дека согласно планот некаде при крајот на следната недела веќе ќе почне етапното носење и дистрибуција на мебелот. Ќе се почне од 14 спрат надолу и паралелно како што ќе се носи новиот мебел така ќе бидат префрлувани и студентите од блокот 1 во новиот реконструиран блок „Б“, изјави Ристовски.
Министерството за образование и наука веќе го заврши проектот за реконструкција и санација на блокот „А“, односно вториот следен блок за реконструкција и за него, како што соопшти Ристоски, се очекува во првата половина од ноември да се распише тендер за реконструкција и санација.
Со тоа студентите од блок „А“ ќе бидат целосно префрлени во блокот „Б“, а блокот „А“ ќе биде целосно затворен и на него ќе почне да се работи, нормално по изборот на компанијата. Паралелно МОН за да не губиме време ги забрза сите активности и веќе сме во фаза на подготовка и на проект за останатите два блока, блоковите „В“ и „Г“ и за мензата во СД „Гоце Делчев“, рече заменик-министерот.
Проектите за нив очекува да бидат готови до Нова година, а потоа да бидат распишани тендери од страна на МОН и тие да влезат во фаза на подготовка за градежни активности.
Мора да се има во предвид фактот дека неопходно е да постои добра организација и паралелно со градежните активности и сместувањето на студентите заради капацитетите. Ние можеме и да го затвориме целиот студентски дом, меѓутоа во тој случај повеќе од 1.300 студенти ќе останат без можност да бидат сместени. Затоа мораме да одиме етапно и со сместување и со реконструирање, истакна Ристовски, кој додаде дека е задоволен од динамиката.
Завршувањето на работите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ според Ристовски би можеле да завршат до крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година.
Во текот на минатата година имавме проблем од два до три месеци кога не можеше да се изведуваат градежни активности. Согласно планот и динамика реална можност постои до крајот на 2016 година, меѓутоа оптимално е да се каже дека веројатно дел и од 2017, ќе бидат завршени активностите во СД „Гоце Делчев“, рече заменик-министерот.
Информираше исто така дека во наредните неколку денови ќе биде распишан тендер за обезбедување нови лифтови не само во „Гоце Делчев“, туку во сите студентски домови во Република Македонија.
Во СД „Гоце Делчев“ парцијално како што ќе биде реализирана градежната активност блок по блок така ќе бидат менувани и лифтовите. Во блокот „В“ којшто е целосно реконструиран оставен е едниот стар лифт за да се изврши транспортот на мебел, а потоа и тој да биде заменет за да не биде оштетен во процесот на пренос и обезбедување на новиот мебел, изјави Ристовски.
Како што најави премиерот Никола Груевски, интензивно се работи и на комплетната спецификација за распишување тендер за комплетно нов мебел во сите студентски домови во земјата.
Владата разгледува десетина локации за нов студентски дом, а набрзо би требало да се очекува да биде соопштено која ќе биде таа. Ристоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека веќе имало состаноци со министерот за транспорт и врски и со повеќе градоначалници во врска со ова шрашање и оти за оваа локација се гледаат повеќе аспекти.
Значи, се гледа од аспект на интерес на студентите, полесен пристап на студентите, потоа потенцијално после нивното престојување, но исто така и на инфраструктурната подготовка на локациите. Во оваа прилика можам да кажам дека имаме девет до 10 потенцијални локации, меѓутоа набрзо во консултации со Владата ќе ја соопштиме и финално предлог локацијата за нов студентски дом, изјави Ристовски, кој денеска беше во посета на подрачното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски во населбата Хром.