Интер и Јунајтед ги елиминираа Баер и Копенхаген, Лукаку во историјата

Romelu Lukaku of Inter celebrates scoring the 2-0 during the UEFA Europa League quarter final soccer match between Inter Milan and Bayer Leverkusen in Duesseldorf, Germany, 10 August 2020. EPA-EFE/Martin Meissner / POOL

Милански Интер и Манчестер Јунајтед ги потврдија фаворитските улоги и се пласираа во понеделникот вечерта во полуфиналето на Лига Европа, откако во четвртфиналните дуели ги елиминираа Баер Леверкузен, односно ФК Копенхаген.

Интер со 2:1 го надигра Баер во натпреварот кој се играше во Диселдорф, а сите голови беа постигнати во првите 25 минути. „Нераѕурите“ поведоа со погодокот на Николо Барела 15 минута а веќе шест минути подоцна водството го удвои Ромелу Лукаку. Надежите на „Фармацевтите“ ги врати во 25 минута Каји Хавертц, но истовремено со тоа заврши и извонредниот почеток на мечот, во кој двапати беше досудувана најстрога казна, но беше повлекувана по асистенција на ВАР-от.

Лукаку со овој погодок стана првиот играч во историјата на Лига Европа, односно Купот на УЕФА, како што претходно се нарекуваше ова натпреварување, кој постигнал погодок на сите девет последователни мечеви. Исто така, стана првиот во историјата на Интер кој постигнува гол на шест натпревари во низа во некое европско натпреварување.

Интер цврсто се постави на почетокот од мечот, а по првите неколку минути Баер возврати, но без конкретен удар. Интер дојде во водство во 15 минута кога Лукаку се најде во шеснаесетникот на противниот а неговиот удар кон голот беше одбиен до Барела кој беше прецизен. Пет минути подоцна Интер имаше нова шанса, но пробивот на Мартинез по десната страна Барела не успеа да го реализира. Веќе следната минута Лукаку го прифати проигрувањето од Ешли Јанг и го зголеми водството на Интер, а три минути подоцна повторно беше во шанса за погодок, но Храдецки овојпат го „прочита“. Веќе следната минута Баер намали на 1:2 од акција која не навестуваше на возбудување, но мрежата ја затресе Хавертц.

Во 26 минута беше досуден пенал за Интер поради играње со рака на Синкгравен во шеснаесетникот, но со проверка на ВАР-от, одлуката беше поништена. Во 38 минута Диаби остро шутираше кон голот на Интер, но Самир Хандановиќ успешно боксуваше. Германскиот претставник во второто полувреме заигра поагресивно и Диаби во 52 минута изби сам во шеснаесетникот на Интер но не реализираше. Набргу потоа Интер имаше две шанси, прво по брзо изведениот слободен удар додека одбраната на Баер остана збунета, Гаљардини неуспешно шутираше на голот. Во 65 минута Храдецки одбрани „зицер“ на Санчез кој го замени Мартинез. Баер возврати во 78 минута, но Хавертц шутираше крај голот. Пред крајот на мечот Лукаку влета кон противничкиот гол но шутираше крај него, а во 89 минута над Еискен беше досуден пенал, но повторно по прегледување на снимката одлуката беше повлечена.

Во полуфиналето Интер на 16-ти август во Келн ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Шахтјор Донецк и Базел, кои играат во вторник во Гелзенкирхен.

 

Манчестер Јунајтед многу потешко се пласираше во полуфиналето, откако во Келн со 1:0 по продолженијата го совлада ФК Копенхаген. Стрелец беше во 95 минута од пенал Бруно Фернандеш. Ова беше 21-от реализиране пенал сезонава за тимот на Манчестер Јунајтед, што е најдобриот скор во најсилните пет национални лиги во Европа. Голманот на Копенхаген, Карл–Јохан Јонсон, пак, имаше дури 13 одбрани на мечот, што е најдоброто остварување во европските купови уште од сезоната 2016/17.

Манчестерските „Црвени ѓаволи“ лежерно и бавно влегоа во мечот настојувајќи да играат со голем број додавања. Во 9 минута Рашфорд шутираше од 30-ина метри, но без ефект. Копенхаген сепак покажа дека не го респектира големиот противник и фаворит, и вршеше сериозен притисок на теренот. Двете екипи создаваа полушанси, но најсериозни беа нереализираните на Стаге во 17 за Копенгахен и во 28 минута на Фернандеш за Јунајтед. До крајот на полувремето Гринвуд во 33 минута шутираше од работ на шеснаесетникот но Бјеланд го блокираше неговиот удар, а во 45 минута Јохансон го одбрани ударот на Рашфорд. Во судиското продолжение Гринвуд постигна погодок, но беше поништен зашто проверката со ВАР покажа дека бил во офсајд,

Во второто полувреме Јунајтед повторно оствари поголем посед на топката, иако Копенхаген не остави впечаток дека се предава. Во 61 минута Рашфорд не реализираше добра шанса, а пет минути подоцна од спротивната страна се закани Овиедо. Откако регуларниот дел од натпреварот заврши без голови, мечот влезе во продолжетоците. Во 95 минута Бјеланд го собори Марсиал во казнениот простор, судијата досуд пенал кој беше потврден по прегледот на ВАР-от. Бруно Фернардеш беше сигурен реализатор од „белата точка“, а Копенхаген до крајот не успеа да се врати во игра.

Во полуфијалето во Диселдорф на 17-ти август, Манчестер Јунајтед ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу англиски Вулверхемптон и шпанска Севилја, кои играат во вторник во Дуизбург.