Интер Мајами донесе уште едно засилување од Барселона

 

МЛС тимот Интер Мајами официјално објави дека во клубот го донел искусниот, 34-годишен шпански фудбалер Жорди Алба, кој потпиша договор до 2024 година со можност за продолжување на уште една година.

Жорди Алба во Мајами дојде како слободен играч откако му истече договорот со Барселона за која настапуваше од 2012 до 2023 година, а претходно неколку сезони беше играч на Валенсија. Со Барселона левото крило освои дури 18 трофеи. Од нив шест пати беше шампион во Ла Лига со каталонскиот клуб, а освои и еден трофеј во Лигата на шампионите во 2015 година.

Жорди Алба на тој начин повторно ќе биде во друштвото на Лионел Меси и Серхио Бускетс, со кои долго време играше во Барселона, а кои исто така во овој преоден рок му се приклучија на клубот од Флорида.

Во дресот на шпанската репрезентација, Жорди Алба забележа 93 настапи, со девет погодоци и беше дел од златниот тим на Европското првенство во Полска и Украина во 2012 година.