Интер Мајами го совлада Реал Солт Лејк на отворањето на сезоната во МЛС

Со натпреварот меѓу Интер Мајами и Реал Солт Лејк одигран на стадионот „ДРВ ПНК“ во Форт Лодердејл, започна новата, 29-та сезона на професионалната американска фудбалска лига (МЛС), а домашната Интер славеше со 2:0.

Првиот гол во новата сезона го постигна финскиот репрезентативец Роберт Тејлор во 39. минута од средбата по додавањето на Лионел Меси, но имаше помош и од гостинскиот голман Зак МекМат, кому топка му се иззлизга под рака и заврши во мрежата.

Конечните 2:0 ги постави Парагваецот Диего Гомез во 83. минута. Акцијата ја повлече Меси, кој низ неколку гостински играчи се доближи до шеснаесетникот и ја испрати топката кон Луис Суарез. Уругваецот со првиот допир додаде десно кон Гомез, а 20-годишниот парагвајски играч за врска со прецизен удар ја испрати топката во мрежата.