![inter ranokia](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/inter-ranokia.jpg?resize=640%2C393&ssl=1)
Во натпреварот од 26-то коло од првенството на Италија, фудбалерите на Интер на својот „Сан Сиро“ во саботата вечерта со 2:0 го совладаа Беневенто, но вложија големи напори против последнопласираниот тим на табелата да дојдат до 14-та победа сезонава.
Сѐ до 66 минута Беневенто се држеше доста цврсто а дури имаше и шанси за постигнување погодок, и една многу контроверзна ситуација во 64 минута, кога судијата Луика Паирето пропушти да досуди пенал за гостите, кога Ранокија го собори Каталди.
Само две минути подоцна Интер дојде во водство со голот на Милан Шкрињар, кој со глава ја погоди противничката мрежа по ударот од корнер. Во 69 минута Ранокија по нафрлувањето на Кансела одлично реагираше и со глава во пад погоди за конечните 2:0.
Интер привремено е на третото место со 51 бод, еден повеќе од Рома и два од Лацио кои во недела ќе ги одиграат своите натпревари од 26-то коло. Беневенто, пак, останува прикован за дното со само 10 бодови.
Во првиот дуел од саботната програма Болоња на свој терен, исто така, со 2:0 ја совлада Џенова, а головите ги постигнаа Дестро во 49 и Фалети во 72 минута. Болоња во моментов е 11-та со 33 бодови, додека Џенова остана на 30 бодови и е две места подолу.
Во недела се играат преостанатите осум натпревари а најинтересно треба да биде на „Олимпико“ каде Рома го пречекува Милан.