Стефан Јоветиќ во понеделник ќе пристигне во Милано за да му бидат извршени медицинските тестови, по што ќе стане нов играч на Интер. Сепак, според гласините кои кружат во Италија, и играчот за врска на Галатасарај, Фелипе Мело во текот на следната недела, односно во вторник ќе ги помине медицинските прегледи, по што ќе стави потпис на договорот со италијанскиот тим.
Мело ќе пристигне кај „нероазурите“ на инсистирање на Роберто Манчини, со кого Бразилецот соработуваше додека италијанскиот тренер го водеше Галатасарај.
Според Gazzeta dello Sport, клубовите постигнале договор според кој Интер на турскиот клуб ќе му го отстапи Јуто Нагатомо, а во спротивен правец ќе замине Мело. Голема улога во оваа размена имал и Весли Снајдер, кој успеал да го убеди раководството на Галатасарај токму Нагатомо да пристигне на „Турк Телеком Арена“, иако првичниот план бил Гари Медел да биде фудбалерот кој ќе биде дел од „трампата“.