Интерпелациите за работата на министрите за правда и на вицепремиерот за борба против корупцијата, Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски денс се на дневен ред во Собранието.
Според предложениот дневен ред, интерпелациите за Маричиќ и Николовски се 35 и 36 точка на седницата, а први точки се предлог одлуките за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународните операции на Европската Унија „ALTEA“ во Босна и Херцеговина и „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.
Пред пратениците се и предлог законите за изменување и дополнување на законите за комплементарна и алтернативна медицина, за лековите и медицинските средства, за внатрешната пловидба, за јавна чистота, за заштита на правата на пациентите, за прекурзори, сите во второ читање, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и работа на странци, по скратена постапка.
Законодавниот дом ќе расправа и за Предлог законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со ковид-19 во приватните здравствени установи, по скратена постапка, поднесен од пратенците Димитар Апасиев и Борислав Крмов, како и Предлог законот за дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка предложен од ВМРО-ДПМНЕ.