Интерпелација за недоверба на владата следната недела

Наредната недела ќе поднесеме интерпелација за недоверба на владата, бидејќи се покажа како доста неспособна влада. Имаме толку многу гафови, толку многу празни зборови, многу ветувања, а никаква реализација. Немаме ниту еден крупен капитален проект во Република Македонија, а на сметка на тоа многу лаги, изјави  Владо Мисајловски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување на Алфаскоп на ТВ Алфа.

Мисајловски додаде дека секој граѓанин забележал дека со оваа Влада економијата тоне и дека оваа влада не работи ништо, освен што се потсмева со граѓаните бидејќи не реализирале ниту еден капитален проект од кои граѓаните ќе имаа најголема придобивка.

Тој кажа дека владата на СДСМ си игра со државата, бидејќи на момент кога граѓаните мислат дека не може полошо од ова, наредниот ден сами себе се демантираат и прават повторно некоја непромислена работа.

Направија еден ПР концепт и го крстија План 3-6-9 бидејќи резултатите требаше да пристигаат за три, шест и девет месеци. Од една страна е многу некоректно во тој план да ставите стратегија што мора да направи опозицијата, а да не разговарате со нејзе. Од друга страна еве и 9 месеци помина и еве сега не им излезе по планот па го продолжуваат, кажа Мисајловски.

Тој како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека партијата ќе ги прифати сите реформски процеси кои се добри за граѓаните. Мисајловски рече дека во наредниот период ќе се засилат средбите со граѓаните и нема да бидат како оваа влада која единствена важна работа им се меките фотелји и функциите.

Имаме златно име и ќе не надживее сите

Секој ден има ограбувани домови, вклучително и мојот, имате еден куп нерешени убиства, секој ден има разбојништва во банки, нерешени случаеви и смешни инциденти што ги покираат како случајот со пајакот, тоа е срамно. Си поигруваат со нашата интелегенција. Не работат, не расчистуваат убиства, сега има толку голем криминал и тоа е секојдневие. Тоа значи дека некој сака многу да ја ослабне Република Македонија, некој сака институциите да бидат на едно најдолно ниво. ВМРО-ДПМНЕ тоа не го сака, ние сакаме стабилна држава, ќе бидеме сојузник со многу држави, со соседните држави, со меѓународната заедница, ама пред се треба да бидеме сојузник со граѓаните и треба да го правите тоа они што го сакаат, вели Мисајлоски.

Тој најави дека ќе има и нови рефрми во партијата, односно реорганизација, која како што рече им е потребна за следните чекори кои ќе бидат преземени.

Во однос на преговорите за името, Мисајловски истакна дека народот треба да знае оти ВМРО-ДПМНЕ како партија не се информирани и додава дека повеќе информации добиваат од грчките и македонските медиуми, а не од државниот врв.

Република Македонија нема проблем со името, ние немаме проблем, некој друг има проблем со нашето име и тоа треба секој да го знае, подвлече Мисајловски и упати апел: Да внимаваат што прават со најсериозното прашање во Македонија, ние имаме златно име и вечно име на оваа држава и ќе не надживее сите. Треба да внимаваме како се однесуваме, бидејќи наште деца треба да живеат тука и треба да останат и да ја градат оваа држава, тоа е најважното.

Повтори дека стратешката определба на партијата се НАТО и ЕУ.

-Час поскоро е подобро за Република Македонија да има предвремени парламентарни избори, бидејќи само така ќе добијат повеќе граѓаните. Ние сакаме да има квалитетни избори, народот да си го каже она што го мисли и да си го заокружи ливчето и со пенкало да ги победи многу скоро и да ги тргне од власт. Во оваа влада никој нема доверба, потенцираше Мисајловски.