Интерпол распиша потерница по Милан Радоичиќ поради настаните во Бањска

Интерпол распиша потерница по Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа, поради настаните во Бањска, потврди министерот во косовската влада Ненад Рашиќ.

Тој додаде дека потерницата е издадена врз основа на барањето на министерството за внатрешни работи на Косово, преку УНМИК (Привремената административна мисија на Обединетите нации во Косово), бидејќи Косово не е членка на Интерпол, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Радоичиќ, инаку, ја презеде одговорноста за настаните во Бањска на 24 септември, кога беа убиени еден косовски полицаец и тројца Срби. Потоа поднесе и оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, а преку својот адвокат ја извести јавноста дека стои зад настаните во Бањска, а за такви планови никого не информирал.

Радоичиќ беше приведен на 3 октомври во Белград под обвинение за „здружување за сторени кривични дела, недозволено изработување, држење, носење и тргување со огнено оружје и експлозивни материи и тешки кривични дела против општата безбедност“.

Тој беше ослободен еден ден подоцна со услов да не ја напушта Србија, а му беше забрането да замине на Косово.