Интервју: Антонио Дамјановски – Златната кацига на Македонија, со поддршка на „Адора“ до спортските врвови

Тој е најмлад, најуспешен и најнадежен мото крос возач во Македонија. Дел од Адора Атлетите кои триумфираат на македонската и интернационалната сцена. Успешната приказна за Антонио Дамјановски, нека биде поттик за младите и апел од неговиот тим до сите општествено одговорни субјект и институции за поддршка на овој финансиски скап спорт.

Антонио Дамјановски е новата ѕвезда на македонската мото сцена. Како започна да се занимаваш со овој адреналински спорт?
Уште како мал сакав велосипеди, тротинети, мотори за деца и сè што може да се вози, постојано бев на тркала. Татко ми си купи крос мотор за рекреативно, а потоа и за професионално возење, јас посакав и за мене мотор, ми купија и почнав да возам на патеката Смолево за мое задоволство. Откако видовме дека брзо ги совладувам мото крос вештините, решивме да пробаме со првата трка како најмлад учесник во голема класа, бев единствено дете, немаше други учесници како мене за да се оформи класа МХ85 и така почна сè. Оттогаш мото спортот ми стана пасија.
Што треба еден човек да поседува, за да се занимава со мото крос возење?
За мото крос возач, потребно е да се има желба, упорност и да не постои страв. Потребен е мотор, клуб, лиценца за возење и адекватна опрема како кацига, штитници за гради, раце, нозе, чизми, наочари, ракавици, дрес и секако финансиски средства.


Како дојде до соработка со познатата општествено одговорна компанија Адора?
Сакам од срце да се заблагодарам за максималната поддршка на Адора Бизнис Групацијата и пред сè на Душко Чифлиганец, дел од топ менаџментот. Како што е познато тој е страствен љубител и почитувач на мотоциклизмот и воедно натпреварувач, носител на неколку врвни професионални успеси во брзинскиот мотоциклизам и за него не беше тешко да да го препознае мојот потенцијал и важноста да ми помогне во раните години. Душко често порачува дека младите кои посветено се занимаваат со спорт, освен што постигнуваат успеси, на тој начин се оттргнуваат од можни негативните влијанија во најсензитивните, тинејџерски години.
Ти си 15 годишно момче со многу награди, кои ти се најдраги?


Досега имам возено на 29 мото крос трки во Македонија и на европски БМУ шампионати на Балканот и имам освоено 15 први места и 24 пехари. Сите награди ми се драги и си имаат своја приказна, но најдарага ми е Златната кацига, која ја добив по три освоени државни шампионати 2019/2020/2021, што го одбележа мојот почеток и борба до врвот во MX85 класата. Сега возам во појака класа MX2 со мотор од 250 кубици, имам победи и високи пласмани на БМУ Европските шампионати во Турција, БИХ, Србија, Грција, Романија и Бугарија и освоени први места на државните првенства на патеките Лагово и Смолево.
Како те гледаат сега твоите другари, ти се промени ли нешто во животот?
Јас сум истиот млад човек, кој живее како останатите тинејџери, само што ги направив горди моите родители и сега повеќе ме препознават луѓето насекаде.
Која е твојата порака до младите генерации?
Сметам дека мото крос спортот треба повеќе да се афирмира со почести трки, да имаме помош и поддршка и од државата и инстутциите, за да може секој млад човек да се занимава со некој спорт и да живее здраво. Јас се пронајдов тука и давам сè од себе за да станам сè поуспешен.
Како успеваш да се организираш секој викенд за натпревари во различни држави, во сезоната на трките?


Секогаш сум со татко ми, кој најмногу ми помага. Има доста подготовки пред трките и за патот, моторот и комбето да се спремат и јас да се подготвам, во што сме сите вклучени. Напорно е, долги се патувањата и одземаат многу време, наставниците ми излегуваат во пресрет за отсуство од училиште и се горди на мене. Се обидуваме заедно сè да искоординираме, за што им благодарам пред сè на моите родители, без нивната поддршка и без спонзорите, нема успех.
Што те очекува во спортот и како се гледаш за 5 години?
Ми претстојат трки од БМУ шампионатот од септември, како и македонскиот шампионат. Се надевам дека за пет години ќе стојам на европскиот шампионски подиум. Моето образование ќе го продолжам во средното техничко училиште во Битола, со исто темпо, тренинзи, трки, во школо и дружење со друштвото.
Среќен ли си од досегашен пат како мото крос тркач?

Искрено, пресреќен сум што се пронајдов токму во она што ме исполнува во целост и што моите родители успеаја да ми го овозможат тоа, бидејќи ова е еден од најскапите спортови. Го сакам мото крос возењето и ендуро трките и сум многу задоволен од досегашниот успех.

Кој е твојот сон кој сакаш ти се оствари?

Сакам да бидам дел од мото крос натпреварите на светско ниво.