Интервју на Азески за „Пословни дневник“: Приоритети се борбата против непријавената работа и корупцијата, итна дигитализација на јавната администрација и реформа на парафискалните давачки

Бранко Азески е претседател на Стопанска комора на Северна Македонија (СКСМ), институција која еден век ги застапува најголем дел од бизнисите во земјата. Клучните прашања за подобрување на бизнис-климата ги гледа во осум точки, а вели дека комората има подготвени приоритети, за нив има дискусии и владина согласност, но затајува имплементацијата.

Интегралното интервју на хрватскиот „Пословни дневник“.

Економските последици од војната во Украина на големо се чувствуваат и во Македонија. Посочивте три канали преку кои се пренесува кризата. Кои се тие?

Тие канали се: Преку цената на енергенсите, храната и чиповите, преку последиците врз европската економија поради судирот Русија -Украина и од трговската размена на Македонија со Русија и Украина. Фактот што клучните производи како природен гас, нафта и пченица доаѓаат од Русија и Украина, е само потврда за веќе зголемените цени за широка потрошувачка, без разлика дали трговската размена е директно помеѓу Македонија и овие две земји или преку канали на ЕУ. Уште повеќе загрижува фактот дека индиректните ефекти преку влијанието на конфликтот врз економијата на ЕУ имаат потенцијал да го намалат извозот и инвестициите (кон и од ЕУ), да ги намалат дознаките на нашите иселеници во ЕУ, а со тоа и расположливиот доход на домаќинствата во Македонија и личната потрошувачка. Високиот пораст на цените ја поткопува куповната моќ на населението во ЕУ, што ќе се рефлектира во помала побарувачка за наши производи и услуги. Од стопанството најзасегнати се градежната индустрија, автомобилската индустрија, која произведува автомобилски компоненти, металургијата.

Истакнавте и дека справувањето со актуелната криза ќе биде ѓаволски тешко. Какво решение сугерирате?
Во СКСМ констатиравме дека се потребни мерки за решавање на одредени проблеми за одржување на ликвидноста на приватниот сектор, прво преку дефинирање модел на поддршка за потрошената електрична енергија. Потоа преку прилагодување на концептот на јавните набавки; административни постапки за градежни дозволи за поставување фотоволтаици за сопствено производство се многу долги, што оневозможува на краток период обезбедување поевтина струја. На крај да запре носењето Закони по брза постапка која го усложнува бизнис амбиентот на компаниите.
Фискалната политика мора да е заснована на начелото на претпазливост и штедење, за да се создаде поголем простор за интервенција на страната на понудата. СКСМ бара до крајот на годината да не се менува даночната политика, навремено да се враќа ДДВ-то и навремено да се сервисираат обврските на јавниот сектор кон приватниот.

Ако не беше корона-кризата и војната во Украина, кој ќе беше најголемиот проблем на бизнисот и економијата во Македонија?
Македонската економија веќе подолго време трпи последици од недоволен број квалификуван и стручен кадар како последица на долгогодишната неусогласеност на вештините и компетенциите кои се нудат од образовниот систем. Извештајот на ЕК потврдува дека 80% од невработените се долгорочно невработени поради недостаток на вештини, а анализите на СКСМ покажуваат дека 65% од компаниите се соочуваат со недостаток на стручен кадар. СКСМ пред 6 години почна конкретни активности за воведување дуалното образование како најефикасен процес за подготовка на соодветен стручен кадар. Фокусот од училницата е префрлен на стекнување знаења и вештини во компаниите и учениците се обучуваа според технологијата, машините и опремата кои постојат во компанијата, се стекнуваат со работни навики и се запознаваат со функционирањето на компанијата. Компаниите сами го подготвуваат кадарот за да одговара на нивните потребите и одговорноста за неподготвеност на кадарот ќе биде нивна. Но, реализацијата на реформските процеси бара отстранување на законските пречки и зголемување на средства за образование од БПД – од сегашните 3,2% на 5%. Со наша активна инволвираност дуалното образование стана реалност, уписната политика се креира со бизнис заедницата, се работи нов Законот за стручно образование и обука, 1400 ученици повеќе се запишале во стручното образование, вкупно 221 фирма се вклучени во стручното образование оваа учебна година (во новиот Конкурс за упис за следнатата учебна година во дуалното образование се вклучени околу 500 компании), СКСМ обучи над 450 ментори од компаниите за практична обука, 7 стручни училишта и 1 факултет со 29 компании и модернизирани машини и опрема започнаа реализација на практична обука на учениците, со грант од 150.000 до 600.000 евра од Германската банка за инвестиции (KFW) обезбеден преку Комората и КИФ. Во тек е и вториот повик за обезбедување на грантот, обезбедени 2.200 стипендии за учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта во месечна висина од 3.500 денари.
Функционира ли пазарната економија во Македонија, има ли бизнис клима?
Ако се следат фактите за георграфската и геостратешката местоположба, но и бројките од меѓународни финансиски и аналитички центри, констатацијата е дека земјата има политики кои ја рангираат како поволна бизнис дестинација со функционална пазарна економија. Сепак, овие политики не дадоа целосна структурна трансформација. Затоа итно се потребни реформи за да се олесни движењето на ресурсите до најпродуктивните можности и да се заврши структурната трансформација на Македонија. Иако успехот на земјата во привлекувањето странски директни инвестиции ориентирани кон извоз ѝ овозможи да се интегрира во некои глобални синџири на вредности, таа не беше во можност ефикасно да ја искористи својата стратешка локација. Забрзувањето на структурната трансформација и промовирањето на усвојувањето на технологијата и иновациите ќе стануваат сè поклучни додека Северна Македонија дејствува за да избега од замката со среден приход и да постигне статус со високи приходи. Клучните прашања се слабостите во трговската и транспортната поврзаност и интеграцијата на синџирот на вредност, како и недостатоците во политиката на конкуренција и инвестиции, деловната регулатива, капацитетите на фирмите, пристапот до финансии и дигиталната поврзаност, а сето тоа се надополнува со недостигот на вештини за работна сила.

Има ли Македонија стратегија за забрзан економски развој? Каков е односот Држава – Комора – Бизнис?
Комората ги има дефинирано приоритетите на бизнисот на краток и подолг рок и има зацртано и дека мора да успее да го промени односот на државната администрација кон компаниите, чувствувајќи ги како партнери, на кои мора да им се помогне, да се едуцираат и надградуваат, а не како досега да се „чекаат на кривина“ и да се казнуваат. За поддршка на македонското стопанство за подигнување на продуктивноста и конкурентноста на македонските компании, ние поддржуваме континуиран дијалог меѓу дизајнерите на економските политики и бизнис-секторот.

Колку е моќна Комората да влијае при донесувањето на големите одлуки за унапредување на економијата, на стопанството?
СКСМ е најстара, најмоќна и најрепрезентативна бизнис асоцијација во државата. Годинава кога одбележуваме 100 години постоење можеме гордо да кажеме дека членките на Комората обезбедуваат 50,3% од приходот, 47,6% од нето добивката и 33,7% од вработените во приватниот сектор. Комората во своите редови ги има 10-те најпрофитабилни компании, 10-те најголеми извозници, 10-те најголеми производители, 10-те најуспешни бизнисмени, а во својот апарат ги има и 10-те најдобри коморски кадри во државава и уште толку регионални експерти, што докажува дека има капацитет да биде во служба и на бизнисот и на државата.

Да се свртиме и кон иднината, кои се клучните приоритетите на Комората од кои зависи бизнис-амбиентот во Македонија?
Комората има подготвени приоритети, за нив има дискусии со владини институции, има согласност за реализација, но затајува имплементацијата. Тие се: Борба со сивата економија и со корупцијата со мерки за унапредување на работењето на Управата за јавни приходи; Интегрирана, целосна и итна дигитализација на процесите на државните служби; Реформирање на системот на парафискалните давачки и сузбивање на сивата економија во електронската трговија; Брза гасификација со изградбата на национален гасоводен систем, поврзување со регионалните гасоводни системи и изградба на дистрибутивните системи за природен гас за стопанството како краен потрошувач; Директна поддршка на извозните компании и финансиската поддршка на инвестициите и создавање услови да се неутрализираат опасностите од селење на домашниот капитал во странство заради користење помош која ја нудат земјите од соседството; и Брзи процедури за издавање на градежните дозволи за инвестициите од бизнисот, ако сакаме инвестиции во економска криза.

За еден век постоење, кои клучни моменти од делувањето на СКСМ би ги издвоиле?
Како човек кој 17 години гордо стојам на чело на оваа институција, а цели 32 години сум дел од активностите во коморското функционирање, цврсто верувам во моќта на СКСМ како институција за која има реална потреба. Коморите опстанале 400 години, нашата 100 години и тоа е голем доказ дека треба да се бориш и да направиш Комора на иднината. Јас тоа го направив. Преку Комората изградивме и серија институциите буквално од нула, како што се ГС1 Македонија , Македонското кредитно биро, Советот за странски инвестиции, Македонската енергетска асоцијација и многу други проекти кои се во тек. Изработивме стратешки документ и создадовме концепт „Комора на иднината“, кој претставува одговор на потребите на бизнис-заедницата да има силен партнер. Клучна промена во трасирањето на патот кон Комората на иднината е формирањето на Совети со фокус кон развој, иновации и знаења. Се што работиме е препознаено и од највисокиот државен врв. Неодамна го примив Орденот за заслуги на РСМ за Стопанската комора, а јас лично бев одликуван со Повелба од претседателот на државата Стево Пендаровски. Тоа е и голема одговорност за идните генерации кои ќе ја предводат Комората.
Неодамна го примив Орденот за заслуги на РСМ за Стопанската комора, а лично бев одликуван и со Повелбата на претседателот на државата што ми ја врачи лично претседателот на државата Стево Пендаровски. Ова е голема одговорност и за идните генерации кои ќе ја водат Комората.