Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека не се задоцнети евентуалните активности за замрзнување на цените на основните производи и вели дека не се точни предвидувањата дека до крајот на годинава тие ќе поскапат за околу 50 проценти.
ЉБудно ја следиме ситуацијата и во зависност од тоа како ќе се движат цените на суровините и репроматеријалите во делот на увозот и производството на производите кај нас ако има ценовни шокови веднаш ќе постапиме повикувајќи се на Законот за трговија и за големопродажба и за малопродажба како што веќе направивме претходната година кога не дозволивме енормно зголемување на цените“, рече Бектеши во одговор на прашање по денешното потпишување меморандум за соработка со Националната платформа за женско претприемништво.
Нагласи дека тоа особено ќе се однесува за цените на основните производи согласно потрошувачката кошница.
„Ќе видиме дали ќе има зголемување на цените на тие производи. Секој ден следиме што се случува и ако има големи ценовни шокови веднаш ќе постапиме како Министерство за економија и ќе донесеме одлуки за замрзнување на цените. Не се зборува за нивно зголемување за 50 отсто и доколку се случи такво нешто секако дека ние директно ќе интервенираме“, потенцираше Бектеши и потсети дека такви одлуки веќе биле донесени за време на пандемијата со Covid-19.
Најави дека во одреден момент во консултација со стопанските комори доколку се случи некаков ценовен шок веднаш ќе се интервенира.