„Лидер“: Со многу инвестиции до високи стандарди во здравствениот сектор

Четири нови болници ќе се градат и пет ќе се реконструираат во новата 2016 година, најави премиерот Груевски во новогодишното обраќање до јавноста. Во 2016 година ќе почне изградбата на новиот Клинички центар, градбата на Клиничката болница во Штип, Ургентниот центар во Куманово, а во тек е и градбата на болницата во Кичево.

Во здравството имавме повторно многу нови вложувања и ќе имаме уште повеќе во 2016-та. Се изгради болницата во Козле, новиот простор за Државната кардиохирургија, а ПЕТ центарот е при крај. Градбата на новиот Клинички центар се одолжи, но конечно се бира изведувач и во 2016-та ќе почне градбата на овој капитален проект, исто како и на Клиничката болница во Штип за која се одбра изведувач. Почнаа голем број темелни реконструкции на болници, како во Битола, Прилеп, Св.Еразмо во Охрид. Следува и реконструкцијата на болницата во Струмица и градбата на Ургентниот центар во Куманово, двете во март 2016, како и реконструкцијата на Клиничката болница Св. Наум Охридски во Скопје. Во тек е и градбата на болницата во Кичево, истакнува премиерот Груевски.

Тој посочува дека во изминатата година е решен проблемот со лековите за лица со ретки болести и воведени се поливалентни вакцини.

Во 2016 година, како што нагласува Груевски, се планира и отворање на центар за трансплантации.

Груевски: Даночни осолободувања за развој на здравствениот туризам

Даночни осолободувања најмалку десет години кои ќе ги поттикнат инвеститорите да вложат во развој на здравствениот туризам, предвидува Владата. За оваа цел, како што информира премиерот Никола Груевски, изготвено е и законско решение.

Со законот сакаме да мотивираме и охрабриме инвеститори кои се занимаваaт со инвестиции во болници, клиники, во здравството, да инвестираат во овие слободни здравствени зони пред се заради создавање здравствен туризам. Согласно законот, инвеститорите ќе бидат ослободени десет години од плаќање данок на добивка, персонален данок на доход, како и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала. Законот, предвидува оној што ќе изгради клиника или болница во рамки на овие зони да биде ослободен од данок на добивка десет години, а исто толку години ќе биде ослободен од персонален данок на доход. Десет години ќе биде ослободен и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала. На тој начин ќе му се даде дополнителна конкурентна ценовна предност во правец на тоа да развие здравствен туризам. Во Македонија и онака цените на здравствените услуги се далеку пониски од развиените западни држави. Но, со овие ослободувања дополнително се мотивираат потенцијалните инвеститори да изградат нови болници. Доколку изградат и универзитети во рамки на тие болници, односно медицински факултети, тогаш ослободувањето може да биде и до 15 години, рече Груевски.

Повисоки плати за неколку категори лекари специјалисти

Зголемување на платите на лекарите во итната медициска помош, на лекарите специјалисти во здравствените домови и во центрите за јавно здравје, како и на фармацевтите специјалисти, најави премиерот Никола Груевски во декември. По одлуката за зголемување на платите на медицинските сестри кои имаат завршено високо образование, а што ќе стартува со февруарската плата, Груевски рече дека ќе има покачување и на платите на неколку категории пред се лекари.

Прво на лекарите во итната медицинска помош каде што платите ќе се зголемат за над 11 посто или околу 2.700 денари повеќе отколку сегашната плата, потоа лекарите специјалисти во здравствените домови, лекарите специјалисти во центрите за јавно здравје и фарамцевтите специјалисти. Последниве две категории ќе имаат зголемување за 14,5 отсто зголемувањена плата или околу 4.000 денари ќе преставува нивното зголемување на сегашната плата, рече Груевски.

Проценката, додаде, беше дека откако ги зголемивме платите на специјалистите во клиниките и болниците останаа сепцијалистите во здравствените домови, во Итната медицинска помош, во центрите за јавно здравје и фармацевтите специјалисти.

Така што одиме со овој чекор со зголемување на нивните плати и мислам дека тие тоа го заслужуваат. Станува збор за промена на колективен договор со којшто ќе се згоелмат нивните плати. Го заслужуваат затоа што луѓето си ја работат работата, имат релативно ниски плати, истакна Груевски.

Според него, ќе се реализира и ветувањето за минималната плата и од јануари нејзиниот износ ќе се зголеми од 9.590 денари на 10.080 денари во сите индустрии освен текстилната и кожарската каде што ќе се зголеми од 8.050 на 9.000 денари.

Скоро илјада денари зголемување на минималната плата. А во тие две дејности до 2018 година ќе се изедначи со минималната плата на другите дејности до 10.080, како што е предвидено во програмата. Значи од 1 јануари се зголемува минималната плата во сите дејности онака како што е ветено во нашата програма, рече Груевски.