Покрај тоа, го решивме и вториот најгорлив проблем на кавадарчани – водоснабдувањето. Рестрикциите на водата за пиење станаа минато. Сега Кавадарци има два големи водоводи. Како и кај стариот, и на новиот изградивме 5 мини хидроцентрали, а со него ќе се наводнуваат и додатни 500ха земјоделско земјиште. Покрај овие, во мојот мандат се остварија и повеќе други проекти во Кавадарци. Ќе напомнам само неколку: изградба и реконструкција на патот до селата Ресава и Бегниште, патот Кавадарци – Мушов гроб, ги реконструиравме сите училишта, изградивме 2 нови спортски сали и т.н, вели Пемова.
Порталот „Телеграф“ неодамна објави едно истражување според кое, Кавадарци е еден од градовите во кои се живее најубаво. Ова особено е случај откако таму се отворија неколку странски инвестиции, од кои најзначајна е „Дрекcлермаер“. Градот кој порано беше познат единствено по грозјето и виното полека станува индустриски центар кој освен за своите жители, обезбедува работа и за околните градови, како што се Неготино, Прилеп, Градско и Велес.