Инвестирањето на компаниите во фотоволтаици создава вишоци и пад на цената на струјата, порача Анѓушев

„Во услови на скапа струја и на неизвесност од цената, фотоволтаиците може да придонесат за обезбедување дел од потребната количина електрична енергија на две основи – кога компаниите сами ќе инвестираат за сопствени потреби или преку инвестирање во производство за други потрошувачи. Но, и во едниот и во другиот случај мора да се почитува постапката за реализирање на инвестицијата, која бара одреден период и определени финансиски средства како влог“, изјави заменик-претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на МЕА (Македонската енергетска асоцијација), Кочо Анѓушев.
Оваа изјава на Анѓушев следува по драстично зголемениот интерес на компаниите и на инвеститорите за вложување во изградба на фотоволтаични електрани, како и по многуте отворени прашања што ги упатуваат фирмите на адреса на Стопанската комора, од аспект на постапката за реализација на целокупната процедура, информираат од Комората.
Анѓушев ги објаснува двете постапки за инвестирање на компаниите за сопствени потреби и за инвестиција на земја за продажба на електрична енергија.
Во првиот случај, кога се произведува на покрив за сопствени потреби, компаниите треба да имаат предвид за шест чекори:1-Да се извади решение од Општината, под услов објектот да е запишан во катастар, да е изваден имотен лист и да има проект за статика на покривната конструкција, бидејќи се става дополнителна тежина на покривот. Потоа, 2-Ако документите не постојат, за нив треба да се спроведе постапка за легализирање на објектот, но и за изработка на проект за статика на изведена состојба итн. Трето: Да се направи проект за електрика на фотоволтаичната електрана, кој не одзема многу време, ниту, пак, е сложен процес. Четврто: Сите горенаведени документи со доставуваат до Општината за добивање решение за поставување опрема на покрив. Петто-Пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија и 6-Склучување договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена струја.

Во вториот случај, кога се произведува струја за продажба од фотоволтаици поставени на земја, претседателот на МЕА вели треба да се затворат четири прашања:Да се реши урбанистичко-административното прашање, да се побара приклучување на мрежа, каде што произведената електрична енергија ќе се предаде во системот, да се снабди опрема и да се склучи договор со снабдувач на електрична енергија за продажба на произведената струја.

Анѓушев вели дека таа инвестиција не се прави преку ноќ, туку потребен е одреден временски период и секој што сака да инвестира во производство за продажба на струја треба да ги има предвид сите 4 прашања. Но, она што е значајно е дека интересот за вложување во фотоволтаични електрани во следните години може да создаде вишок струја во одредени периоди од денот и од годината, што доведува до намалување на цената на струјата и до промена на планот за враќање на инвестицијата.