![izinerska institucija na makedonija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/03/izinerska-institucija-na-makedonija.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Асоцијацијата на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија по повод одбележувањето на 103 годишнината од формирањето на првото македонско здружение на инженери и архитекти, го организира настанот „Инженерството инспирација за младите уметници“, којшто ќе се одржи вечерва во 19 часот во Националната опера и балет.
Настанот има за цел истакнување на нераскинливата врска меѓу инженерството и уметноста, преку поддршка на млади уметници од Факултетот за ликовни, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност во Скопје. За аудио-визуелните артистички елементи на инженерите и уметниците ќе придонесе музиката на Влатко Стефановски и студентите од класата на проф. Дарко Багески, како и фотографиите на Ангел Ситновски и студентите од Факултетот за ликовни и Факултетот за драмски уметности.
Видео обраќање ќе има претседателот Стево Пендаровски, претседателката на Инженерска институција на Македонија, Христина Спасевска и Дејвид Гир, амбасадорот на ЕУ во Македонија.
Инженерската институција на Македонија е професионална асоцијација во која членуваат 18 здруженија од сите инженерски дисциплини. Нејзината мисија е да ги поттикнува и мотивира младите во развојот на инженерството за да бидат фронт во глобалниот иновациски натпревар во светот, подобрувајќи го квалитетот и начинот на живеење. Токму за остварување на оваа визија, се истакнува дека поттикнувањето на креативното размислување на инженерите се остварува преку нивниот уметнички ангажман.