Ирачката шиитска милиција Катаиб Хезболах, која тесно соработува со Иран, во вторникот објави во вторникот вечерта дека ги запира привремено своите воени операции против американските сили во регионот.
„Објавувајќи го суспендирањето на своите воените и безбедносните операции против окупаторските сили – за да се спречат непријатност за ирачката влада – ние ќе продолжиме да го браниме нашиот народ во Газа на други начини“, порача генералниот секретар на Катаиб Хезболах, Абу Хусеин ал-Хамидави, според соопштение објавено на платформата Telegram.
Минатата седмица американски извори за агенцијата Reuters изјавија дека САД и Ирак ќе започнат разговори за завршување на мисијата на меѓународната воена коалиција во Ирак и нејзино замена со билатерални односи, што е чекор напред во процесот закочен со војната во Појасот Газа.
На почетокот од јануари премиерот Шиа ал-Судани изјави дека Ирак бара брзо и на соодветен начин договорено заминување на меѓународните воени сили предводени од САД од својата територија, но тогаш крајниот рок не беше зададен. Ал-Судани ја оцени натамошната присутност на странските сили на ирачка територија како дестабилизирачки фактор, особено во контекстот на израелската војна во Појасот Газа и сѐ поизгледната можноста за прелевање на овој судир во регионот на Блискиот исток.
Тројца американски војници загинаа во напад со беспилотно летало во близина на јорданско-сириската граница во неделата. Пентагон објави дека нападот ги имал „отпечатоците“ на Катаиб Хезболах, иако сè уште не е днаправено конечно заклучување.
Портпаролот на Пентагон одби да ја коментира изјавата на групата, додавајќи: „Делата зборуваат погласно од зборовите“. САД ветија дека ќе одговорат на нападот.
Шиитските милиции поврзани со Иран изршуваат напади врз израелски и американски цели во Либан, Јемен, Ирак и Сирија од почетокот на војната во Газа, која избувна откако Хамас го нападна Израел на 7-ми октомври.
Катаиб Хезболах е најмоќната фракција на Исламскиот отпор во Ирак, кровна организација на шиитските вооружени фракции кои ја презедоа одговорноста за повеќе од 150 напади врз американските сили во Ирак и Сирија од почетокот на војната во Газа. САД одговорија со напади во Сирија и Ирак.
Катаиб Хезболах ја донесе оваа одлука по неколкудневните интензивни напори на ирачкиот премиер да спречи ескалација по нападот во Јордан, изјави неговиот советник за надворешна политика Фархад Аладин.
Основана по американската инвазија на Ирак во 2003 година, Катаиб Хезболах е една од елитните вооружени фракции на Ирак блиски до Иран, која го понесе главниот товар на војната на копно во борбата против ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава и нејзиниот пораз во ноември 2017 година.
Иран негира вмешаност во нападите на ирачките групи, тврдејќи дека сите членови на таканаречената Оска на отпор планираат и извршуваат операции независно.
Ирачката влада е поддржана од партиите и милициите на шиитското мнозинство, иако не директно од групите што ги напаѓаат американските сили, велат западните и ирачките претставници. Багдад ги осуди нападите, но и предупреди дека регионалната ескалација ќе продолжи сѐ додека трае војната во Појасот Газа.