
Ирачкиот парламент едногласно во неделата изгласа завршување на периодот на странското воено присуство во земјата кој во прв ред се однесува на меѓуанродната антитерористичка коалиција предводена од САД, пренесе телевизијата Al Arabiya.
Во резолуцијата донесена на вонредната седница на Советот на народните претставници (парламентот), пратенците „ја задолжуваат владата да стави крај на военото присуство на странски сили во републиката и да ги прекине активностите во рамките на договорот за безбедност склучен со силите на меѓународната антитерористичка коалиција“ предводена од САД.
Причина за ваквиот став на ирачките пратеници, во прв ред беше, американскиот атентат врз влијателниот ирански командант Касем Сулејмани во близина на аеродромот во Багдад, кога беше убиен и заменикот на командантот на доброволечката ирачка коалиција Народни сили за мобилизација (PMU), Абу Махди ал-Мухандис, кои го понесоа најголемиот товар од копнените борби против Исламската држава.
Пратениците, повикувајќи се на членовите 59 и 109 од ирачкиот устав и во согласност со нивната одговорност за националните интереси, претходно донесоа предлог-закон, составен во четири точки според кој централната власт во Багдад е должна да ги заврши своите активност во земјата, откако е прогласена победа над радикалните џихадистички групации, како и да се забрани користење на ирачкиот воздушен простор од страна на сите странски сили.
Второ, владата и врховниот командат на ирачките вооружени сили се задолжуваат да го објават бројот на странските офицери кои ќе ја вршат обуката, задно со нивната локација, задолженијата и времетрањето на нивните договори. Трето, се задолжува шефот на ирачката дипломатија да се обрати до Советот за безбедност при ОН и да поденсе тужба против САД за нарушување на ирачкиот суверенитет и безбедност.
Тужбата се однесува на „американските напади и агресија врз ирачките воени позиции и убиството на ирачките и сојузнички високи команданти на ирачка територија“, се наведува во резолуцијата. Ирачкото министерство за надворешни работи ги оцени споменатите напади како „опасно кршење на ирачкиот суверенитет и на условите за присутноста на САД во Ирак“, и го повикува Советот за безбедност на ОН да ги осуди нападите.
Како четврто, од ирачката влада се бара „да спроведе темелна истрага за неодамшениот воздушен напад на САД во Багдад“ и да го извести парламентот за резултатите од истрагата во рок од седум дена, како и дека законот стапува на сила откако ќе добие одобрување во парламентот.
Претходно во саботата челниците на најголемата политичка коалиција во ирачкиот парламент порачаа дека американските сили „ќе бидат протерани од ирачката територија, по злосторничката кукавичка американска операција“ во Багдад.
Претходно со ваков предлог истапи вршителот на должноста ирачки премиер, Адил Абдул Махди. Тој оцени дека тоа ќе овозможи да се преформатираат односите со САД и другите земји, како и за одржување на пријателските односи врз основа на почитување на суверенитетот и немешањето во внатрешните работи на земјата.
Претходно во саботата, меѓународната антитерористичка коалиција под покровителство на Вашингтон ги прекина проектите за обука и поддршка на ирачките безбедносни сили. Истовремено, командата на коалицијата објави дека остануваат партнери на Багдад во борбата против џихадистичката организација Исламска држава, иако Западот прогласи дека таа е потполно поразена уште пред една година.