На лажната држава Исламска држава ѝ дојде крајот, изјави во четвртокот ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади, откако ирачките војници ја заземаа уништената средновековна џамија во Мосул којашто има историско значење и од која џихадистите пред три години го објавија својот „калифат“.
„Повторното освојување на мосулската џамија ал-Нури и нејзиното накосено минаре ал-Хадбе, коишто на 22 јуни ги разнесоа џихадистите од Исламската држава означува крај на лажната држава на Даеш“ (арапската кратенка за Исламската држава), изјави ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади, додавајќи дека ирачките воени сили ќе продолжат да ги гонат борците на Исламската држава за на крајот „сите да ги убијат и затворат… сите до последниот“.
„Припадниците на Исламската држава сторија уште едно историско злосторство разнесувајќи ги џамијата ал-Нури и минарето ал-Хабда“, соопшти пред една седмица ирачката армија.
Експлозиите во кои овој значаен верски објект беше разнесен следеа кога елитните ирачки антитерористички единици се приближија на околу 50 метри од џамијата во историското градско јадро на Мосул – Стариот град. Ирачката војска тогаш објави дека настапува кон џамијата.
Од оваа џамија челникот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади пред три години го прогласи „калифатот“ на областите кои ги зазема во Сирија и во Ирак во ненадејната офанзива од летото на 2014 година.