Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади прогласи во неделата победа во „ослободениот“ Мосуѕл по завршувањето на битката за вториот по големина град во земјата којашто траеше речиси девет месеци против џихадистите од ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, соопшти неговиот кабинет.
„Премиерот Хајдер ал-Абади пристигна во ослободениот град Мосул и им честита на херојските борци и на ирачкиот народ на оваа голема победа“, се истакнува во соопштението.
Ирачките сили го скршиле отпорот на џихадистите кои останале во градот и се бореле до последниот човек на малиот простор во центарот на историското градско јадро на Мосул – Стариот град, на западниот дел од реката Тигрис.
Според разни извори, во очајот терористите од Исламската држава се обидувале да убијат што повеќе цивили, а некои се обиделе да побегнат мешајќи се со локалните жители кои се евакуирале бричејќи ги брадите и симнувајќи ги униформите.
Во копненото настапување кон Мосул ирачките безбедносни сили ја имаа поддршката од шиитските доброволечки милиции, локалните милиции на арапските сунитски племиња, како и од борците „пешмерга“ на ирачките Курди. Додека воздушна поддршка имаа од меѓународната коалиција предводена од САД.
Битката за Мосул започна на 16 октомври 2016 година, и борбите со текот на времето се интензивираа додека ирачките сили се приближуваа до центарот на градот.
За да го спречат нивното напредување, џихадистите од Исламската држава поставувале експлозивни направи во сите згради. Конечната победа би претставувала голем пресврт за ирачките сили кои во јуни 2014 година мораа да им го отстапат градот на џихадистите пред нивната неочекувана офанзива на илјадниците добро вооружени борци.
Претходно претставник на ирачката армија потврди дека владините сили ги потиснале борците на Исламската држава и ја преземале контролата над Стариот град во Мосул, последното урбано упориште на сунитската екстремна групација. Паѓањето на Мосул се смета и за официјален крај на половината на самопрогласениот калифат.