Иранските вооружени сили ќе го гаѓаат срцето на Израел, доколку еврејската држава направи и најмал потег против Исламската Република, предупреди иранскиот претседател Ебрахим Раиси на воената парада во понеделникот.
„Доколку направите и најмал потег против нашата земја… цел на нашите вооружени сили ќе биде срцето на ционистичкиот режим“, рече Раиси во својот говор пренесуван на државната телевизија.
Израел повеќепати изминатата деценија се закануваше со напад врз иранските никлеарни постројки, дури и без консултации со клучниот сојузник САД.
Израел, кого Иран одбива да го признае, повеќепати предупредува дека нема да прифати земјата да стане нуклеарна сила, додека Техеран и светските сили се обидуваат да го заживеат нуклеарниот договор од 2015 година од кој се повлекоа САД во 2018 година.
Речиси едногодишните индиректни преговори меѓу Техеран и Вашингтон беа прекинати во март. Израел меѓутоа порачува дека нема да биде обврзан со никаков договор и дека на крајот би можел да преземе еднострана акција против иранските нуклеарни локации.