Иран ќе го зголеми збогатување на ураниумот на 60 отсто

Иранските власти планираат да го зголемуваат степенот на збогатувањето на ураниумот на високо ниво од 60 отсто, пренесува во средата државата новинска агенција ISNA.

Заменикот на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, би требало да ја извести Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) за овој потег, кој доаѓа по кибернетичкиот напад врз иранската нуклеарна постројка во Натанц, зад кој според меѓународните процени и споед обвинувањата од Техеран стои Израел.

Иран го обвини најголемиот регионален непријател Израел кој ја има поддршката од САД дека учествувал во саботажата на клучната нуклеарна подземна постројка во Натанц во неделата и вети дека ќе се одмазди за овој напад.

Техеран го обвинува Тел Авив за „терористички чин“ чијашто цел е да се саботираат новите преговори во Виена, кои би требало да продолжат оваа седмица. Со преговорите би требало повторно да се врати Иран и САД во рамките на нуклеарниот договор од 2015 година, постигнат меѓу Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации плус Германија.

Откако САД во мај 2018 година се повлекоа од договорот, а европските потписнички на договорот не успеаја да ја заштитат девастираната економија на Иран од новите американски санкции, Техеран започна со постепеното суспендирање на своите обврски од него. Меѓу нив е и круцијалното ограничување на количеството и нивото на збогатен ураниум.

Така во ноември 2019 година Иран пушти во функција 30 нови центрифуги од типот IR-6 за збогатување ураниум и значително го зголеми производството на нискозбогатен ураниум. Со договорот се ограничува збогатувањето на ураниумот на 3,67 отсто, што е погодно за цивилно производство на енергија и далеку под прагот од 90 отсто за производство на нуклеарно оружје. Нуклеарените инспектори на ОН известија во мај 2019-та дека Иран збогатил ураниум на 4,5 отсто.

Техеран сега може да го надмине нивото од 20 отсто, што е значителен скок и ниво од кое лесно може да се дојде до критичното ниво од 90 отсто, но досега наведуваше дека „во моментов за тоа нема потреба“.

Зголемувањето на нивото и количеството на збогатен ураниум е дел од законот кој во ноември 2020 година го донесе иранскиот парламент по атентатот на воедечкиот нуклеарен физичар крај Техеран, за што Иран ги обвини САД и Израел откако се обелодени дека убиството е изведено со сателитски наведувано оружје кое било претходно оставен на патот.