Иран ќе продолжи да ги казнува жените за кршење на исламските прописи на облекување

Иран ќе ги казнува жените кои ќе ги кршат исламските кодекси на облекување, изјави денеска шефот на иранското правосудство, Голамхосеин Мохсени Еџеи, јави агенцијата ИРНА, потврдувајќи дека законот ќе остане во сила и покрај неколкумесечните протести што беа задушувани со крв.

-Соблекувањето на хиџабот е еднакво на покажување непријателство кон Исламската Република и нејзините вредности. Луѓето кои ќе одлучат да направат таков ненормален чин ќе бидат казнети, рече Еџеи.

„Со помош на судството и извршната власт, властите ќе ги искористат сите расположливи средства за да се справат со луѓето кои соработуваат со непријателот и го прават овој грев што му штети на јавниот ред“, додаде тој.

Смртта на иранската Курдка, Махса Амини, на 16 септември во притвор поради „непрописното облекување“ предизвика протести низ целата земја, што подоцна се покажаа како најголемиот предизвик за иранските власти од 1979 година.

Безбедносните сили во последните неколку недели во голема мера ги задушија протестите низ земјата.